Битола блесна во сјајот на празничната „Зимска приказна“. Отворањето ја донесе празничната магија, трансформирајќи го плоштадот „Магнолија“ во сцена од бајка. „Новогодишниот марш“ на Дувачкиот оркестар од Државното музичко училиште, под диригентската палка на проф. Марјан Бакревски, беше вистинска увертира во атмосферата, додека лизгалиштето спонзорирано од Cermat, со блесокот на светлата и уметноста на „Танцот на снегулките“, ги воодушеви сите присутни. Ова не беше само настан – ова беше момент за паметење, празник за сите сетила и потсетник дека празничниот дух живее тука, во срцето на Битола. Учениците на Битолското музичко училиште беа дел и од германскиот божиќен панаѓур “Weinachtsmarkt” каде настапи хорот на основното и средното музичко училиште под водство на проф. Јулијана Проја Димовски и проф. Лилјана Трајковска Димевски. Професорката Елена Сотиров Милошевска беше организатор на настанот за училиштето. На двата настани беше присутен градоначалникот на Битола, Тони Коеановски, како и директорката на Музичкото училиште Марија Шамоска Буџаковски и дел од професорите.Во овие ладни денови, музиката ни го топли срцето. Музичкото училиште продолжува да биде дел од празничната магија на Битола, па така еден од нивните следни настапи е и „Посакај желба“, изведба на новогодишни песни од страна на хорот на училиштето на 25.12, на платото на Офицерскиот дом.
Фотографии: Сашо Ставрев и Државно музичко училиште Битола