Home » Битолчанката Горјана Стојановска специјален гостин на концертот на НОБ во Виена

Битолчанката Горјана Стојановска специјален гостин на концертот на НОБ во Виена

by culturalchat

Камерниот оркестар на Македонската опера и балет, одржа концерт во познатата „Ehrbar Saal“ (почесна сала) во Виена, Австрија. Под диригентската палка на италијанскиот маестро Џанлука Мартиненги, публиката уживаше во богатата музичка програма во која, меѓу другото, се изведоа и композиции од Пучини, Бритен, Ристо Аврамовски, Благој Цанев, Драган Шуплевски и Дамир Имери. Специјална гостинка на вечерта беше истакнатата пијанистка Горјана Стојановска, чиј виртуозен настап дополнително го збогати овој културен настан.„Oва искуство за мене понуди остварување на многу желби. Концерт во Виена – лулка на пулсот на класичната музика, во сала која што ги има слушано самите композитори на чии дела со восхит пристапуваме, изведбата со оркестарот на НОБ кој под палката на маестро Мартиненги даде програма која вредеше да се проследи. Ова беше еден настан кој донесе уште повеќе убавини на мојата професија“, ни изјави Стојановска.На концертот присуствуваше и Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, македонскиот амбасадор во Австрија, Освит Росоклија, амбасадорот на ОБСЕ, Пајо Авировиќ, како и претставници од дипломатскиот кор. Настапот на камерниот оркестар на НОБ, многубројната публика го поздрави со долг аплауз. Овој концерт беше уникатна можност да се слушне македонската музика на едно од најпрестижните места во Виена, продолжувајќи ја традицијата на меѓукултурната размена и промоција на македонската уметност во светот.

 

 

Related Articles