Home » „Гајдата на Пеце“ во рацете на Здравко Андонов на фестивалот „Пеце Атанасовски“

„Гајдата на Пеце“ во рацете на Здравко Андонов на фестивалот „Пеце Атанасовски“

by culturalchat

Искусниот гајдаџија Здравко Андонов од село Ињево, Радовишко е годинешниот добитник на „Гајдата на Пеце“ која ја доделува општина Долнени за најдобар изведувач, а Културно-уметничкото друштво „Јане Сандански“ од Неготино е добитник на Гран при наградата на 50. јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој се одржуваше во Прилеп и на Рудина, Долнени.Фестивалот додели и 6 награди-гајдарки, 10 статуетки и 50 плакети на истакнати учесници. Жирито кое одлучуваше го сочинуваат истакнати фолклористи: професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и доцент д-р Стојанче Костов. Фестивалот одбележа голем јубилеј, пет децении постоење и ја исполнува задачата за зачувување, негување и пренесување на помладите генерации на богатиот изворен мелос. „Имајќи во предвид дека ретко кој фестивал во Македонија може да се пофали со 50 години постоење, навистина е огромна чест да си во организациониот тим, но истовремено е и огромна обврска бидејќи имаме задача да го продолжиме континуитетот на идејата на основачите на овој фестивал, големиот Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лачкоски и др“,истакна м-р Горан Василески, претседател на Фестивалот и додава: „од самиот почеток целта на фестивалот била зачувување на традиционалните инструменти и песни, нивно презентирање пред публиката, како и меѓусебно дружење и размена на искуства на самите натпреварувачи. Можам да кажам дека сонот на Пеце Атанасовски е остварен со самото тоа што традиционалните инструменти кои до пред 20-тина години беа во фаза на изумирање, денес претставуваат еден хит и меѓу помладата генерација со самото користење и употреба на традиционалните инструменти во различни прослави, свадби и фестивали. Континуитетот на овој фестивал е загарантиран со самиот факт што има доста млади таленти и ентузијасти кои ги негуваат традиционалните инструменти и песни“..На Фестивалот учествуваа над 250 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија. По 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, на кој 15-тина семинаристи имаа можност да ги слушаат предавањата и практичната настава на проф. д-р Родна Величковска, проф. д-р Горанчо Ангелов, доц. д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Беа промовирани и зборникот на научни трудови „Фолклорот во минатото и денес“, во кој 10-тина еминентни научници, секоја година објавуваат свои трудови од областа на фолклористиката, етнологијата, етномузикологијата, етнокореологијата и други слични научни дисциплини, како и монографијата за 50-годишниот јубилеј на Фестивалот „Непресушен извор-за навек“. Истиот во петокот го отвори дефилето на 50 гајдаџии во центарот на Прилеп. На крајот од првата фестивалска вечер беше и ревијалниот настап на вокално-инструменталниот состав при Н.У. Танец од Скопје. Изворниот оркестар на КУД Илинден Битола, беше дел од јубилејната програма, и се претставија со “Овчеполско” и “Малешевија”.Во спомен-куќата на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени беше потпишан меморандум за соработка со манифестацијата „Зборот на Конески“ и КЕЦ „Небрегово“. Во 1974, по иницијатива на светски признатиот гајдаџија Пеце Атанасовски и етномузикологот Живко Фирфов, Илија Лашкоски и други ентузијасти, во Долнени и Прилеп се одржа првиот регионален натпревар во гајда. Со поддршка на тогашните институции, натпреварот прерасна во Републички фестивал на народни инструменти и песни „Марко Цепенков„. По смртта на Пеце Атанасовски во 1996 година, со одлука на Советот на Фестивалот, Фестивалот го носи името на неговиот основач и е регистриран како Фестивал на народни инструменти и песни „ Пеце Атанасовски“. Овој Фестивал е единствен во земјава и на Балканот, и главна задача му е да ги сочува од исчезнување древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворните народни песни. Фестивалот има меѓународен карактер и на истиот изминатите години учествувале околу 10000 инструменталисти од Македонија и надвор од неа. Токму ваквиот интерес на учесниците ја определува и ја прави специфична мисијата на фестивалот, со која се овозможува презентирање на својот фолклор, размена на искуства, развивање на пријателства и комуникација меѓу народите. Генерален покровител на фестивалот е Министерството за култура, а покровители се локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени.

 

 

Related Articles