Home » Јован Илиески ја промовираше „Татко ми, Босфор“

Јован Илиески ја промовираше „Татко ми, Босфор“

by culturalchat

Најновата книга на авторот Јован Илиески, „Татко ми, Босфор“, свечено беше промовирана во Тетово. Книгата е во издание на издавачката куќа „Антолог“.

„Долго го чекав моментов и сигурен сум дека ова е најдоброто од мене досега. Пресреќен сум што мојот нов роман е во рацете на Антолог. Инспирацијата ја има насекаде. Јас овојпат, ја најдов во Истанбул“, изјави Јован.

На самиот крај од XIX век и почетокот на XXI век, некаде помеѓу современиот свет и почетокот на падот на Османлиската држава, се случуваат две, навидум различни приказни. Камила Џалал е посветена детективка која ќе го преврти Истанбул за да ја најде причината за смртта на нејзиниот сопруг. Но, Камила Џалал е и девојка која по низа несреќни случаи во нејзиниот живот почнува да станува блиска со луѓето околу султанот во сарајот Јилдиз. Додека се приближува крајот на династијата и соборувањето на султанот Абдулхамид од престолот, на другата страна од времето, Босфор трага да го најде чудовиштето зад серија убиства коишто ја згаснаа светлината на градот.

Што имаат заедничко девојките со исто име? И двете живеат за едно нешто. Да ѝ најдат смисла на смртта.

Промотор на книгата беше професорот по англиски јазик, Перо Сарџоски кој имаше само пофални зборови за младиот автор.

„Јован веќе покажува дека е зрел писател, дека знае како да го постави целиот простор, целото време и нарација на книгата на начин на кој лесно може читателот да навлезе во приказната, а истовремено на многу суптилен начин да го опише Истанбул, и Отоманскиот период и современиот Истанбул, на начин кој е приемчив и го тера читателот до крај да ужива во читањето и го запознава со еден амбиент кој за нас е непознат“.

Ова е прва соработка на Илиески со Антолог.

„Кога пред неколку години правевме список на автори со кои би сакале да соработуваме, Јован беше на таа наша листа. Неговата иницијатива сам да ни се обрати, за нас беше едно чудо и се надеваме дека со наредните книги ќе создаваме уште вакви книжевни чуда за македонската читателска публика“, изјави Жарко Кујунџиски од Антолог.

За убавата атмосфера се погрижија и двете девојки Ана и Сара Илиевски, кои ја изведоа познатата турска композиција „Muhteşem yüzyıl“.

„ Се надевам дека го оправдав вашето чекање и новиот роман „Татко ми, Босфор” ќе го прочитате со исто срце како што и јас го напишав“, вели за крај Илиески.

Тој претходно ги напиша: „Соба 610“, “Душа на парче хартија”, “Кругот на животот”, “Сенки на полноќ” и “Ноќта кога ја напуштив Прага”.

Видеото од атмосферата на промоцијата може да го погледнете на следниот линк:

 

 

 

Related Articles