Home » Четирите драми на Елена Алексиева-ново издание на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА

Четирите драми на Елена Алексиева-ново издание на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА

by culturalchat

Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, со ново издание: Четирите драми на Елена Алексиева (Жртви на љубовта, Мадам Мишима, Фантомска болка, Бернхард во пеколот), за кои превод од бугарски јазик направи актерот Здравко Стојмиров, како дел од проектот Драмскиот превод во креативните индустрии. Елена Алексиева ја има моќта да пишува и да создава драмски ликови и ситуации како Јукио Мишима, Томас Бернхард, Марко Белокио, Џим Шеридан, да режира во драмски текст, да експериментира со драмските и прозните структури (комбинирајќи ги во разни непредвидливи контрадикторни јусктапозиции), да се предизвикува себе си пишувајќи на разни теми – од профилот, мотивите, импулсите, менталитетот и причините на селскиот манијак кој силува и убива залутани промискуитетни, слободни девојки кои безусловно кокетираат, заведуваат и егзистенцијално експериментираат со младоста и животот; до претпоставената и подоживеаната женска страна на самоумислениот самурај и камиказа Јукио Мишима, фантазма која го убива асистирајќи му на својот мажествен љубовник Мишима, мадам Мишима како затвореното алтер его кое привлекува и заведува млади момчиња, Мадам Мишима која е свесна за својата слабост пред самодеструктивните последици од допирот на Венера, високо елоквентен лик заглавена во сопствената самоумислена женственост, од радикалната оштетеност и инвалидизираност на жената без раце која почнува терапевтски да слика со својата уста, за потоа да експлодира како сликарско чудо со својот сликарски просек на арт маркетот во кој се манипулира со вредностите и талентите, автентичноста и оригиналноста на сметка на дискутабилната посебност и несакана човечка трагичност.
Преводот на Здравко Стојмиров е прецизен, богато елоквентен, витален, жив, сценичен како што може одличен актер со сенс за јазици, трансформации и превод органски да ги оживее ликовите и нивните дијалози во книжевен превод, понекогаш со многу повеќе сенс од официјалните книжевни преведувачи.КРАТКИ БИОГРАФИИ
Елена Алексиева е авторка на тринаесет книги поезија и проза, меѓу кои и збирките раскази Читателска група 31, Кој и синдикатот на милениците, како и романите Витезот, Ѓаволот, Смртта, Нобеловецот и други. Таа активно работи и во областа на драматургијата — во 2014 година е објавена нејзината збирка драми Ангелски оган, а во 2015 година нејзините монодрами под наслов Жртви на љубовта.
Добитничка е на книжевната награда Хеликон, како и на наградите Аскеер и Икар за современа бугарска драма. Нејзините книги се преведени на француски, шпански, руски и српски јазик. Има објавено и бројни текстови во периодични изданија и антологии на англиски, француски, германски, шпански, руски, полски, унгарски и други јазици. Нејзиниот роман Светиот Волк е добитник на наградата Роман на годината 2019 на Националниот донаторски фонд 13 века Бугарија, како и на националната награда за проза Перо, доделена од Националниот центар за книга. Нејзината најнова книга е збирката раскази Прекинот на Самсара (2021), која повторно ги освои Националната награда за проза Перо и наградата Јордан Радичков за најдобра збирка раскази. Две книги од Елена Алексиева се преведени на македонски јазик – Светиот волк/издание на Прозарт и Самсара/издание на Блесок. Елена учествувала на фестивалот Прозабалкан во Скопје и на Фестивалот на прозата во Куманово.
Елена Алексиева живее во Софија и работи како независна писателка и преведувачка.

Здравко Стојмиров е актер-преведувач; роден е во Битола, Р. Македонија (1987). Тој работи како хонорарен, професионален актер на театарски, ТВ и филмски проекти. Кратка селекција на актерско-режисерски проекти (2024/2009): KRIEG (Male Version-Soldier in Agony), Фетишист, Only artists left alive, Моето име е Медеја, Демони, Декамерон, И коњите убиваат, зарем не?, Мис од предградието, Змеј, Приказна за окото, Клетници, ЗОО приказна и многу други. Соработувал со еминентни театарски режисери како Мартин Кочовски, Нико Горшич, Себастијан Хорват, Владимир Милчин, Софија Ристевска и многу други. Награден е со повеќе национални и регионални награди за најдобар актер (Фестивали: Актерот на Европа-Ресен; ФИАТ-Подгорица; НЕТА-Меѓународна мрежа за театар и изведувачки уметности; Екс Понто-Љубљана; Ристо Шишков-Струмица и други).
Здравко Стојмиров активно се посветува на книжевно-драмскиот превод од бугарски, англиски, српски и хрватски на македонски јазик. Негови драмски и други стручни преводи се (2025/2008): Четири драми на Елена Алексиева; Фетишист на Мишел Турније; И коњите убиваат, зарем не? на Хорас Меккој; Мис Линан на Мартин Мекдона; Приказна за окото на Жорж Батај; Трансферату на Младен Алексиев; Дневникот на лудиот на Н.В. Гогољ; ЗОО приказна на Едвард Олби; Виртуелна тура Скопје – Тврдина Кале; авторска порака на Јон Фосе по повод Светскиот ден на театарот-27 март 2024 г. ИТИ УНЕСКО.

Преводот е поддржан од Националниот фонд за култура на Р. Бугарија, печатењето на книгата е поддржано од Град Скопје.

Повеќе информации за сите изданија на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА , ќе најдете на следниот линк: https://www.facebook.com/PersonalFuturismPublicPolitics/photos_albums

Related Articles