По повод 78-от роденден, Народниот Театар Битола, приготвува целодневно чествување.
Во 9.30ч програмата започнува за најмладите гледачи, со едукативно театарскиот пeрформанс ,, Зошто го сакам театарот’’.
Во 19.00ч ќе биде отворена изложбата на театарски портрети од ликовниот уметник Кирил Геговски а во 20.00ч ќе биде презентиран колажот,, За нашиот театар’’.
Битолскиот театар како најстар театар во земјава годинава слави 78 години од првиот македонски збор изговорен на театарските штици. 78 години непрекината дејност се навистина голема бројка. Роденденот е подржан од Општина Битола и влезот е слободен за сите со подигнување на влезници од билетара пред почетокот на настаните.
Професионалниот театар со работа официјално започнува на 14 ноември 1944 година, изведувајќи ја едночинката на Владо Малески – Петтоимениот Ѓоре. Овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар Битола. Првите членови, основачи на Битолскиот театар се: Јорго Цаца, раководител на групата, Вера Вучкова, Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Првиот управник е Аки Павловски (1945).
Од 1980 година театарот работи во нов, исклучително функционален објект, кој на ансамблот му овозможува најдобри технолошки услови за работа.