Почетокот на фестивалот „Охридско лето“ секоја година е означен со традиционалниот фестивалски оган кој го пали директорот на фестивалот, овој пат Наташа Поповиќ и интонирање на фестивалската химна компонирана од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски. Овој пат химната беше изведена по 49.ти пат. Имено истата е создадена од Зографски на покана на Управата на Охридско лето во 1976 година, по повод 15-та годишнина на Фестивалот. Создадена е на основа на старата македонска песна од охридско, “Илјада и седумстото шеесет и второ лето”, за дувачки инструменти. Новата изведба е со музичките уметници: Александар Златески-труби, Горан Јанев- хорна, Владан Дробицки -тенор тромбони, Дамир Имери -бас тромбон и Мицко Дамњановски -туба.Зографски беше еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика. Во својата прва творечка етапа, под влијание на С. Прокофјев и И. Стравински, прв во македонската музика внесе елементи на музичкиот неокласицизам.Во понатамошниот композиторски развој, тој прифатил помодерен начин на музичко изразување, барајќи сопствен израз во актуелните музички струења, но задржувајќи, во трансформиран вид, и елементи од претходниот период. Во вокално-инструменталните дела од овој период, карактеристично е обраќањето на авторот кон македонската световна и духовна музичка традиција, како извор на творечка инспирација.