Филмот „Совршени денови“ на Вим Вендерс беше прикажан во рамките на официјалната селекција Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“, а кинематограферот на филмот Франц Лустиг откри детали за работата на филмот, изборот на локациите.
„Снимав со камера од рака бидејќи така ги правам најдобрите кадри. Сметам дека статичната камера го губи контактот меѓу актерите и кинематограферот бидејќи треба да гледам на монитор. Со камерата од рака светлината некако се впива во кадарот и тоа може да се види на филмот“.
Од 1994 година Франц работи како директор на фотографија за реклами и музички видеа со некои од водечките режисери ширум светот, како Сем Браун, Гери Фридман, Сајмон МекКуид, Стјуарт Мекинтајр, Џонс и Тино, Мартин Амунд, Томас Јонсгарден, Начо Гајан, Даниел Клајнман, Ринган Ледвиџ, Тарсем и Ралф Шмерберг.
Во поглед на музиката во филмот рече дека најголем дел од песните во филмот биде додадени отпосле бидејќи бил мошне сложен и тежок процесот со добивање на авторските права. Според тоа како ги движи усните биле избрани други и дополнети.
„ Песната на Нина Симон навистина ја пееше и тоа беше најтрогателниот момент. Плачевме додека снимавме“, раскажа Лустиг.
Соработува со режисерот Вим Вендерс на три долгометражни филмови: „Земја на изобилството“, за кој ја освои наградата „Најдобра камера“ на Германските филмски награди; „Не доаѓај чукајќи“, за кој го заслужи признанието „Најдобар европски кинематографер“ во 2005 година; и „Пукање во Палермо“ од 2007 година.
„ Додека снимаме Вим секогаш ги прикажува градовите онакви какви што се во моментот. На тој начин ги зачувува, бидејќи ако по 20 години одите во Палермо или во Токио сигурно тие нема да изгледаат исто. Но, со нашите филмови тие остануваат зачувани“, рече Лустиг.
Неговата документарна работа е исто така важен сегмент во кариерата за него и ги вклучува филмот „2 или 3 работи што ги знам за него“ на Малте Лудин за животот и смртта на нацистичкиот татко на Лудин и документарниот филм „Танц за сите“ од 2008 година. Во 2012 година, Франц ја доби наградата Мобиус за „Најдобар кинематографер“.