Во рамките на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“, во Културниот центар „Магаза“ во Битола беше отворена изложбата „Фотоспоменар: Војводите од Комитско“, посветена на учесниците кои низ годините ја претставувале улогата на војвода во традиционалното оро „Комитско“.
Настанот, реализиран од Центарот за култура – Битола, со финансиска поддршка од Министерството за култура, има за цел да архивира, визуелно документира и јавно претстави една од најпрепознатливите улоги на фестивалската сцена, чија функција е подеднакво естетска, симболична и ритуална. Улогата на војводата, што традиционално ја отвара фестивалската програма преку настапот на КУД „Илинден“ – Битола, не е само сценски елемент туку носител на значајна културна репрезентација. Таа претставува колективен симбол на отпор, достоинство и културен континуитет, особено во контекст на македонското сценско народно творештво.
Изложбата прикажува архивски и современи фотографии на сите изведувачи што ја носеле оваа улога, со акцент на нивната телесна експресија, сценско присуство и лична посветеност. Поставката истовремено функционира како етнографска документација и визуелна хронологија, отворајќи простор за поширока дебата за улогата на индивидуалецот во колективните културни практики.
Изложбата е отворена за јавноста и претставува значаен чекор во процесот на систематско архивирање на фестивалските мемории, во време кога нематеријалното културно наследство сè почесто бара нови форми на интерпретација и институционална поддршка.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски