Новиот филм на Вардан Тозија, „М“, беше прикажан на Фестивалот за научна фантастика во Бостон. Имено токму македонскиот филм го отвори 49- то издание. Интернационалниот фестивал на научна фантастика е оформен далечната 1976 година што го прави втор најстар жанровски филмски фестивал во САД. Во иницијалните години на постоењето во киното “Орсон Велс“ премиерно се прикажувани култни остварувања како “Денот кога земјата застана“, “Војна на световите“, или првото издание на дотогаш сеуште непознатиот “Војна на ѕвездите“. Денес, фестивалот се одржува во кино-комплексот Сомервил, и пред американската публика прикажува и промовира ограничен број на жанровски филмови од американската и интернационалната филмска продукција. Филмот се прикажа и на Интернационалниот фестивал “Ноќи на стравот“ во Висконсин.
Интернационалниот филмски фестивал “Ноќи на стравот“ има за цел да открива филмски остварувања со дистописка, фантастична и хорор тематика од меѓународната кинематографија. Во своето 16-годишно постоење, овој фестивал промовирал режисерски имиња како Мајк Фланаган (Absentia, Oculus, Fall of house Usher), Грег Никотеро (Walking Dead, Mist), Адриан Гарсија Боглијано (Late Phases, Black Circle) и многу други. Филмот минатата година беше прикажан на 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал, го отвори фестивалот Синедејс, по премиерата во Битола, филмот „М“ на Вардан Тозија имаше италијанска премиeра на филмскиот фестивал во Трст. „М“ е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција, и е дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ. Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар. Во 2021 година ја доби главната награда на „Филмови во изработка“ во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Пула, Хрватска, а беше презентиран во конкуренција со уште десет селектирани меѓународни филмски проекти во фаза на постпродукција. Минатата година ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“, фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух“. Фимот „М“ на овој фестивал ја имаше американската премиера. Интернационалната филмска критика филмот го опишува како: „Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка“.