Во прекрасна атмосфера во Офицерскиот дом во Битола, се одбележа „Денот на пијаното“. Настанот кој и годинава привлече голем број посетители и силни аплаузи, беше поддржан од општина Битола и Културно информативниот центар и е дел од културната програма на општината за оваа година.
Организатор на настанот е Здружението на пијанисти и педагози „Пијано“ од Битола , а секое ново издание изобилува со инвентивност и креативност, што претставува инспирација и поттик за создавачите на музиката, нејзините изведувачи и слушатели.
Музичкиот дел го исполнија 50 млади таленти од 8 музички училишта од Македонија: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија и Скопје.
Програмскиот дел, беше збогатен и со предавање на психологот Нина Тасевска, на тема „Улогата на наставникот во надминување на психолошките предизвици при јавен настап“. Освен предавањето, екслкузивно и премиерно настапи триото “Трифоника” – пијано 6 раце, кое што е единствено трио според својот состав во овој дел од нашата држава.
Настанот се одржа во преполна сала од која зрачеше позитивна енергија и убава атмосфера која предизвика неверојатно чувство на возбуда и среќа на учесниците и присутните, а целта на настанот освен прославата на Денот на пијаното беше и дружењето, споделувањето искуства, како и заедничкото музицирање на младите таленти од целава држава, бидејќи ова е уникатен празник за музичкиот свет, а посебно за пијанистите.
Тоа е повод кој треба да се слави од повеќе причини, но најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното како еден од најпопуларните и најомилени инструменти кај изведувачите, композиторите и како најважни – кај слушателите. Целиот настан заврши со доделување на мали подароци, дипломи за учесниците, благодарници за училиштата, како и желба за што повеќе настани и соработки од овој тип.
„Ден на пијаното“ е светски настан, со кој му се посветува внимание на пијаното. Бидејќи клавирот, по правило, има 88 клавиши, настанот се случува на 88-от ден од годината. „Ден на пијаното“ е настан за промоција на млади пијанисти, нови звуци, млади и иновативни македонски и странски композитори. Настанот е инициран од германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам. Тоа е ден, кој не е посветен само на познатиот уметник од Берлин, туку и на прекрасниот инструмент со клавијатура. На денот на настанот во целиот свет љубителите на пијаното посетуваат и организираат концерти.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски
Успешно реализирано третото издание на Денот на пијаното во Битола
previous post