Home » Успешно претставување на Битолскиот театар во Полска

Успешно претставување на Битолскиот театар во Полска

(видео и фото галерија)

by culturalchat

Битолскиот театар со претставата ,,Бакхи – Краток преглед на распадот” во режија на Игор Вук Торбица, се претстави на годинешното издание на Direction East фестивалот во Бјалисток – Полска. На фестивалот учествуваа театри од Ерменија, Литванија, Украина, Полскa, Грузија.

Текстот е по „Бакхи“ на Еврипид , а драматургијата е на Билјана Крајчевска. Костимограф е Благој Мицевски, сценограф Валентин Светозарев, дизајн на музика Александар Димовски.
После претставата за чија изведба публиката ги награди актерите со долготраен аплауз, беше одбележан и роденденот на актерката Соња Михајлова на која цела сала и ја пееше „Среќен роденден“ на полски.

Видеото од аплаузот може да го погледнете во продолжение:

 

На претставата присуствуваше и македонскиот амбасадор во Полска, Илија Псалтиров кој за гостувањето на Битолскиот театар во Полска напиша:

„Имав чест да бидам почесен гостин на Александер Вегиерко театарот во градот Бјалисток и да го проследам гостувањето на Народниот театар од Битола, чии актери импресионираа на сцената и беа испратени со громогласен аплауз од публиката. Потврда дека македонската култура е еден од нашите најдобри амбасадори. Ја искористив приликата и за средба со менаџментот на театарот, со кој разговаравме и за следните форми на соработка“.

Директорот на театарот Иван Јерчиќ и уметничкиот директор Илина Чоревска, остварија средба и со директорот на театарот, Пјотр Полторак и заменик директорот Мартина Фаустина Занијевска при која средба беа договорени нови соработки.

Во претставата играат: Маја Андоновска-Илијевска во улогата на Дионис, Огнен Дранговски како Пентеј, а Тејресија ја игра Соња Михајлова.Во улогата на Кадмо е Иван Јерчиќ,Агава-Илина Чоревска, Гласникот –Мартин Мирчевски, Слугата-Васко Мавровски,Водачот на хорот-Викторија Степановска-Јанкуловска. Хорот на Бакхите:Валентина Грамосли,Петар Спировски,Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.

„ Можеме да кажеме дека Бакхи се прапочеток на „метатеатарскиот” текст. Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото” доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме. Бакхи не е текст што јасно ни ја отвора поделбата на протагонист – антагонист, текст кој повлекува линија меѓу доброто и злото, туку нè потсетува дека овие опозиции се создадени и форматирани од човекот, односно човекот, со својата способност за дефинирање и анализирање, не е во можност да ја разбере вистинската природа на појавната стварност. Но, можеби најинтересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е, зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред сè е конституиран „со она другото” – непријателство кон „надворешниот противник”? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?”, дека сме вистински странци на себе си и едни на други, односно дека ништо не нè саботира повеќе отколку општествените пречки коишто самите си ги наметнавме“, истакна своевремено режисерот Вук Торбица.

Со премиерата на оваа претстава  беше отворен Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола во 2019 та година.

 

 

Related Articles