Home » „Уметноста на звукот“-17. издание на Фестивалот на музика од светот во Битола

„Уметноста на звукот“-17. издание на Фестивалот на музика од светот во Битола

by culturalchat

Во фоајето на Центарот за култура – Битола се одржа прес-конференција по повод претстојното 17. издание на Фестивалот на музика од светот. На пресот се обратија директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кои појаснија детали за програмата, концептот и значењето на фестивалот. Од името на институцијата беше изразена голема благодарност до Министерството за култура и туризам на Република Македонија, за финансиската поддршка во рамките на годишната програма, како и до Општина Битола за континуираната логистичка поддршка.Илковски истакна дека фестивалот веќе седумнаесет години ја претвора Битола во точка на културна поврзаност и уметничка инспирација.

„Ова не е само фестивал — ова е средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно чувство: музиката како универзален јазик на човештвото,“ . Годинешното издание се одвива под мотото „Уметноста на звукот“, кое го истражува просторот меѓу тишината и вибрацијата, меѓу традицијата и современото музичко изразување. Фестивалот останува верен на својата мисија да го негува дијалогот меѓу културите и да отвора простор за нови уметнички средби.

На прес-конференцијата збор зеде и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кој искрено им се заблагодари на сите за огромниот интерес за фестивалот и за нивниот концерт. Тој ја потврди веста дека концертот е веќе распродаден, што, како што рече, претставува голема чест и мотив за понатамошна работа. Трајковски најави дека настапот ќе биде исполнет со претежно македонска музика, како и со избрани песни од турскиот репертоар на Гамзе, подготвени во уникатни аранжмани специјално за оваа вечер.


ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА

27.11 – Фонтана & Gamze Matraci

Фестивалот започнува со настапот на битолската група Фонтана, која 25 години остава печат на македонската и балканската сцена преку спој на традиционална музика со рок, метал, фанк и фјужн елементи.
Заедно со нив настапува Gamze Matraci, пејачка родена во Измир со корени од Велес, позната по својот широк репертоар што ги спојува турската, македонската, ромската, албанската, босанската, грчката и српската традиција.

28.11 – Тања Царовска & Камерен оркестар Битола

Познатата македонска вокалистка Тања Царовска, со глобална кариера и учество во бројни филмски и театарски продукции, ќе настапи заедно со Камерниот оркестар Битола во музичко патување низ различни култури и континенти.

29.11 – Balkan Zoo & Нина Чориќ

Balkan Zoo, состав на басистот и композитор Марио Рашиќ, 13 години ја претвора балканската музика во современ world music звук.
Заедно со вокалистката Нина Чориќ, со која ги објавија албумите Recycle и Muzika za ples, ќе ја донесат својата препознатлива прогресивна енергија на фестивалската сцена.

30.11 – Koza Mostra (Грција)

Меѓународно познатата група Koza Mostra, позната по својот енергичен спој на традиција, рок, ска и метал, ќе настапи во Битола веднаш по нивниот настап на Polandrock — еден од најголемите европски фестивали.

01.12 – Gamazda: Piano Rewind

Виртуозната пијанистка Gamazda (Александра Кузнецова), позната по нејзините преобразби на рок и метал класици во пијано аранжмани, ќе донесе спектакл со музика од 80-тите до 2000-тите.


OFF ПРОГРАМА

29.11 – Јован Милошевски (18:00, КИЦ Битола)

Битолчанецот Јован Милошевски, кој доаѓа од Шпанија, ќе се претстави со концертот „Мајчин јазик“ — програма составена од македонски и балкански песни изведени на класична гитара.

30.11 – The Doors Tribute by Eruption (22:00, Repeat Café)

Македонската рок група Eruption ќе одржи специјален Tribute to The Doors, посветен на легендарниот американски бенд.

Related Articles