Годинешното издание на Интернационалниот детски театарски фестивал Битолино, се одвива под мотото „Per astera ad astra“(Патот до ѕвездите е трнлив) и фестивалот за прв пат се одржува во еден нов формат односно претставите ќе се одиграат под отворено небо, на две сцени, на платото на Офицерски дом, дел од „Културен и информативен центар“ во Битола. Фестивалот е во организација на „Бабец театар“.
После театарските работилници со актерот Марјан Георгиевски, започнуваат изведбите на претставите. Па така честа први да настапат на единаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со претставата создадена по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас Македонија“.
Во претставата се користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија, а костимите кои ги носат децата се оригинална македонска народна носија.
„Целта на оваа претстава е преку театар да ги запознаеме генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ“, велат од театарската школа.
Во претставата настапуваат 20 деца членови на театарската школа Бабец. Истата ќе биде изведена денес на Сцена 2, на Платото пред Офицерскиот дом со почеток во 19:30 часот.
Веднаш после нив со почеток во 20:30 часот, следува изведбата на детската театарска претстава – мјузикл од Мал театар од Прилеп, „Убавицата и ѕверот“. Оваа претстава е работена според истоимената бајка.
Децата во Битола после неколку години пауза ќе имаат шанса да погледнат мјузикл на македонски јазик одигран од тројца одлични актери од прилепскиот театар. Класичната бајка за Убавицата и Ѕверот и нивната љубов преточена низ музиката и аранжманот на Томе Темелкоски ќе биде една од приказните на ова издание кое ќе остане во сеќавањето на децата од кои повеќето за прв пат ќе гледаат мјузикл кој се изведува во живо.