Home » Танец ја започнува балканската турнеја под мотото„75 години македонски код“

Танец ја започнува балканската турнеја под мотото„75 години македонски код“

by culturalchat

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во четврток заминува на балканска турнеја чие мото е „ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“!  Во рамките на турнејата „Танец“ ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука. На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“.Во соопштението од ансамблот, се додава дека нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други.  Турнејата е во рамките на јубилејната година на ансамблот,.Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и претставува еден од најважните столбови на македонската култура и традиција. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и ора, народните инструменти и носии, и преку соодветен уметнички израз да ги прикаже највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Благодарение на сите генерации кои ја градеа и спроведуваа јасно дефинираната програмска активност на основачите, ансамблот се развиваше и низ годините прерасна во една од најугледите и најрепрезентативните институциии од областа на културата во регионот и во светот.Во текот на овие 75 години, ансамблот Танец, има настапувано на најпрестижните сцени на целата земјина топка, со повеќе од 5.000 незаборавни концерти. На неговиот репертоар се наоѓаат над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални дела, преку кои ансамблот презентира различни музички и кореографски традиции од сите краишта во кои егзистирал богатиот македонски фолклор. Ансамблот поседува и извонредна колекција од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, што секој негов настап го претвораат во посебно аудио-визуелно доживување.

 

 

 

 

Related Articles