Home » Стоечки овации за „Црно семе“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Стоечки овации за „Црно семе“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“

by culturalchat

Громогласни аплаузи и овации добија актерите на Народниот театар од Битола во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, по изведбата на претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски. Актерската екипа предводена од Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Горко, Петар Спировски, Никола Пројчевски, ја одушеви публиката со темата која е добро позната за нашиот народ.На вториот фестивалски ден се реализираше и првата тркалезна маса, за претставата „12“ на Македонскиот народен театар. Убава дискусија се разви симболично во 12 часот за „12“, a ja водеше Звонко Димоски, кој рече дека концептот на претставата не е само театарска рефлексија врз правдата, туку е претставен обид да се види како сме подготвени да си погледнеме во сопствените предрасуди. Режисерот Синиша Евтимов потсети дека текстот го имал во фиока, а познатиот филм бил податно парче за реализација на претставата.
-Во финалната реализација тргнав од тоа дека ние како македонско општество сме последица на некоја друга причина. И ова е претстава која говори за некомпетентноста на одредени личности. Ние сме жртви на елитизмот во театарското општество. Поентата е и оној кој е начитан, и оној кој првпат влегува во театар да се обидат да ја разберат приказната. Ако сакам да пратам порака, можам да пратам писмо…. Беше тешко да ги одберам глумците, да се запознаеме, и како тим да бидеме добри. Таа е една ода, симфонијата ја пренасочивме до џез – рече режисерот на тркалезната маса.
Според актерот Ѓорѓи Јолевски, да се биде дел од екипата било престиж, возбудливо. Обврзани бевме да сме камелеони, затоа што секој од нас има свој принцип и метод во работата и претходно силно уметничко влијание. На моменти бешер хорор. Никој не ги трасираше патеките на движење, туку имавме демократски пристап на мизансценот . Се обидов да се држам на три линии – драма, гротеска за да завршам во апсурд – рече Јолевски.Беше отворена и Детската зона на фестивалот. Околу Саат кулата стотици дечиња цртаа, пееја, уживаа со театарска изложба и ликовна работилница со Ателје Артика, под менторство на Методи Исков и Елена Димоска, а Лина Димоска и Филип Димкоски, инспирирани од програмата „Прилеп во фокус“, споделија поезија за деца од македонски автори.Третиот фестивалски започна со детската програма, промоција на театролошка литература, тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар, а вечерта претставата „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар од Штип. Улогите ги толкуваат: Ефтим Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини и др. Беше отворен и Музејот во движење „Прилеп во фокус“, посветен на легендарните прилепски уметници – Благоја Спиркоски – Џумерко, Кирил Ристески и Благоја Ристески-Платнар. На оваа програма претходеше проекција на документарни филмови на Платнар во „Мис Стон“. Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

 

 

Related Articles