Како дел од Фестивалот на монодрама на Новата сцена во Центарот за култура беше изведена „Срам“ на Тииит .Инк. Темата на перформансот обработува неколку аспекти на односот на општеството кон женското тело, храната и сликата за самите себеси која ваквиот општествен амбиент ни ја наметнува.
„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“, вели Ангела Стојановска.
Покрај Ангела Стојановска како авторка и изведувачка, креативни соработници на перформансот се режисерот Милош Б. Андоновски и драматургот Ева Камчевска. Како поддршка низ креативниот процес беа вклучени изведувачката и кореографка Викторија Илиоска и режисерката Билјана Радиноска. Извршна продуцентка е Емилија Чочкова, костимот е дело на Раде Василев, сценографијата е на Мартин Манев.