Со 14 то издание на традиционалната манифестација „Незаборав“, посветена на композиторот Тоде Новачевски, во Центарот за култура во Битола, беше затворено годинешното издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ 2024.На концертот, публиката имаше можност да ужива во песните од Тоде Новачевски, а во изведба на познати битолски музичари – изведувачи. Манифестацијата беше поддржана од Општина Битола во рамките на БИТ ФЕСТ 2024, а автор на проектот е Панде Димитровски. Изминатите 13 изданија на „Незаборав“ беа посветени на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата Битолски Конзули, Битолчани на Валандово, Драган Каранфиловски – Бојс, песни за Битола – прв и втор дел и Интерфест 92-96 година.Оваа година БИТ ФЕСТ во својата програма понуди квалитетни содржини составени од традиционални манифестации и други настани кои следуваа по спектакуларното свечено отворање на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ на 3 јули со „Симфонија на ѕвездите“. Како дел од програмата на БИТ ФЕСТ, битолската публика имаше можност да ги проследи настапите на групата „Љубојна“, светски познат пијанист Матија Дедиќ и битолчанецот Горан Бојчевски, беше создадена прекрасна атмосфера за креативно пишување во дружба со македонските писатели Дарко Лешоски, Ана Јовковска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Јасмина Атанасова, а не беше изоставена ниту ликовната уметност низ активностите на Ателје Солак, беа одиграни бројни театарски претстави низ „Битола Шекспир Фестивал“ и „Битолино“, а промоцијата на културата и традицијата и годинава ја одбележаа прекрасни изданија на „Илинденски денови“ и „Локум фест“. Дел од Програмата беа и други изведувачи и настани кои оставија силен впечаток кај многубројната публика.И ова издание на Битолското културно лето е уште една потврда за квалитетната културна понуда, која ја поддржува и реализира општината.