На 25. октомври се одбележува Меѓународниот ден на операта. За операта Милка Ефтимова, оперска примадона ќе истакне:
„Операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Токму затоа, во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното” .
Во чест на Операта Македонската опера и балет ќе го одбележи, Меѓународниот ден со две изведби на најомилената опера на македонската публика, „ТРАВИЈАТА” од Џузепе Верди и тоа на 27. и 31. октомври.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, која креира моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореографијата е на Саша Евтимова. Настапува врвната домашна солистичка екипа: Ана Дурловски (27.10.) / Билјана Јосифов(31.10.), Благој Нацоски, Марјан Јованоски, Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.