На само еден ден до премиерата на Битолски театар, претставата „Кориолан“, која ќе биде изведена како дел од 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ – една од најзначајните и најреномирани меѓународни културни манифестации во регионот, директорот Ѓорѓи Цуцковски со пофални зборови за НТБ. и македонските уметници.
„Мојата идеја кога се конципира програмата е секогаш да се остави место за македонските уметници, тука влегуваат и театрите, затоа што сметам дека ние сме земја со многу квалитетни уметници и со многу светски реномирани уметници. Единствен услов за настапување на „Охридско лето“ е да биде најдоброто од Македонија. Јас добро ја познавам историјата на Битолски театар, запознаен сум уште од времето на своите студентски денови со успехот на НТБ, знам колку Битолскиот театар го има претставувано македонскиот културен идентитет насекаде низ светот со многубројните турнеи. Со гордост го очекувам Битолски театар да гостува на „Охридско лето“ и да ја има својата премиера во прекрасниот амбиент на Св.Софија“.
Во современа адаптација и режија на Џон Блондел, безвременската трагедија на Вилијам Шекспир, „Кориолан“, носи моќен сценски јазик и отвора прашања за власта, честа, политичката одговорност и судирот помеѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска, Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија Дамјан Димовски, сценографија и костими Благој Мицевски, дизајн на светло Џонатан Хикс, светло-мајстор Горан Петровски, музика Александар Димовски, видео Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Мирјана Христовска. Премиерата ќе се изведе на 15 јули 2026 (среда), 21:30 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“, Охрид.
