Home » „Слободата живее тука“-25.издание на Фестивалот на монодрама во Битола

„Слободата живее тука“-25.издание на Фестивалот на монодрама во Битола

by culturalchat

Од 25. ти до 31.Мај,  Битола е домаќин на 25- то по ред издание на фестивалот на кој секоја тишина зборува многу и ја слави моќта на соло изразувањето, Интернационалниот фестивал на монодрама. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „СЛОБОДАТА ЖИВЕЕ ТУКА“ на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар. Според директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски и оваа година ќе се обидат повторно да направат светски фестивал.

„Ова е фестивал кој докажа дека има непоколеблива посветеност да негува уметнички сјај дури и во услови кога не беше толку познат, а докажа дека може да создава уметност и во време на пандемијата. Така што овие 25 години значат многу за еден мал, но мошне значаен фестивал кој го става актерот во самиот центар. Ова е фестивал којшто покажа и докажа дека монодрамата како театарска форма е мошне значајна за актерот. И мотото „Слободата живее тука” е една директна асоцијација дека не само актерите туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените”

Фестивалот се отвора со шоуто „Глумците пеат“, за прв пат во Битола и ова е прв град во кој настапуваат, освен во Скопје. 40 извонредни и талентирани актери, со БИГ БЕНД оркестар на сцената, во живо ќе ги пеат најголемите евровизиски хитови.

Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот театар, актерот Петар Мирчевски. Тој рече дека имале тешка задача да селектираат претстави бидејќи пристигнале повеќе апликации од цел свет. Се осврна и на богатството на македонскиот талент прикажан во продукциите како „Фетишистот“ на Здравко Стојмиров и „Сите најубави работи” на ОХО продукција со актерот Игор Ангелов во режија на Дејан Пројковски. Нивниот придонес е пример за посветеноста на фестивалот за негување на домашните таленти, притоа прифаќајќи ја глобалната перспектива. Сцените се подготвуваат, светлата се затемнети, а публиката е замолчена во исчекување на магијата што ќе се расплетува од 25.мај. И оваа година ќе биде застапена офф-програма  на повеќе локации.

Во програмата на годинешниот фестивал се и гостите од Статуа фест, детскиот перформер Дарко Ѓурчиновски кој своето шоу ќе го изведе на Широк Сокак и сл. Љупка Коларова-Пајевиќ се потсети на еволуцијата на фетсивалот, од скромните почетоци до тоа да стане интернационален фестивал на кој настапувале големи актерски имиња и продукции. За неа е длабоко влијанието на фестивалот врз уметничкиот пејзаж, обезбедувајќи платформа за актерите и драматурзите креативно да се изразат и да го збогатат културното ткиво во регионот. Жирито на Интернационалниот Фестивал на монодрамата ќе го сочинуваат: режисерката Зоја Бузалковска, актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Мазур која цели 25 години е дел од Фестивалот.

Ова е фестивал  кој има верна и квалитетна публика. Публика која ја знае моќта на осамениот изведувач како го бранува просторот за игра и како ја осветлува самата суштина на она што значи да се биде жив. На Фестивалот на монодрама, оваа година ќе бидат изведени  2 македонски претстави, потоа претстави од Нови Сад, Бугарија, Турција, Грција, Казахстан, Ерменија, Хрватска, и Обединетите Арапски Емирати. Свеченото затврање на фестивалот е закажано за 31.maj- после доделувањето на наградите, со претставата на Драмски театар од Скопје: Чудна случка на кучето во ноќта во режија на Зоја Бузалкова. Фестивалот на монодрамата доби финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Битола. А големиот спектакл “Глумците пеат” е со поддршка на спонзорот ЗК Пелагонија.

 

 

 

 

 

Related Articles