Во тек е Семинар за традиционална музика и игра, кој веќе 17 години е нераскинлив дел од фестивалот „Илинденски денови“ – единствен во својата улога да ги спои образовните, уметничките и истражувачките практики на македонскиот фолклор.Сместен во срцето на Битола, семинарот претставува жива лабораторија на движењето, каде што орото не е само кореографија, туку форма на културен израз, средство за комуникација и маркер на идентитет. Преку анализата и практиката на регионални ора, песна и инструментална традиција, се разоткриваат кодовите на фолклорниот сценски говор, кој не е изолиран, туку динамично пренослив, од собирните кругови во селата, до сцените на фестивалите.
Она што го прави семинарот особено значаен од етнокореолошки аспект е контактот меѓу генерации, но и дијалогот меѓу истражувачот и практичарот – ученикот и предавачот, играчот и ороводецот. Преку нивната размена, традицијата не се „учи“ како материјал, туку како искуство. Покрај педагошката димензија, семинарот има и документарна вредност, со оглед на тоа што содржините што се обработуваат секоја година се различни, базирани на конкретни локални форми и стилски особености, со што придонесува кон современото архивирање и трансформација на традицијата.
Во ера на дигитална брзина и културна хомогенизација, овие настани се точките каде традицијата не се штити, туку се активира. Не како сентимент, туку како културна интелигенција.
фотографка | Ивона Кочов