Home » Свечен концерт во Македонската филхармонија во чест на Зафир Хаџиманов

Свечен концерт во Македонската филхармонија во чест на Зафир Хаџиманов

by culturalchat

Концертот „Во слава на Зафир Хаџиманов“ кој се одржа во Филхармонијата, во организација на „Авалон“, ги воодушеви присутните. Актерот Никола Ристановски беше дел од учесниците на концертот заедно со Калиопи, Сашо Гигов-Гиш, џез-пејачот од Белград, Виктор Тумбас и режисерот и актер Коле Ангеловски. Од семејството на Зафир учествуваа Марта и Васил Хаџиманови, а пееше и тетката на Васил, Бисера Велетанлиќ, сестрата на неговата мајка Сенка Велетанлиќ.

Македонската филхармонија беше претесна да ја прими во толкав број публиката што сакаше да се потсети на евергрините што ја обележаа не само кариерата на легендарниот Зафир Хаџиманов туку и македонската музичка сцена. Во публиката беше присутен и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Вечерта беше исполнета со многу емоции и со солзи, кои можеа да се видат во текот на настапот на лицата на актерот Коле Ангеловски и на пејачката Бисера Велетанлиќ. Ангеловски беше многу близок пријател со Зафир Хаџиманов. Со него студирал во Белград и заедно ја основале музичката група „Димас“. Првиот аматерски настап им бил во Бугарија. Пред присутните раскажа и неколку интересни случки од тоа нивно пријателство.

Прекрасна со својот настап беше и големата некогашна југословенска музичка ѕвезда, Бисера Велетанлиќ. Таа испеа во живо, со својот сè уште моќен глас и покрај тоа што има 81 година, две свои незаборавни песни, кои и Зафир најмногу ги сакаше: „Мило моје“ и „Златни дан“.

Совршен впечаток на публиката ѝ остави внуката на Зафир, многу талентираната Марта Хаџиманов.

Таа е оперска и џез-пејачка, која студира во Германија и неодамна имаше настап со Берлинската филхармонија. Нежно убавата Марта, заедно со одличниот Виктор Тумбас, ја испеа незаборавната дуетска „Љуби ме и главата горе“. Оваа песна на времето беше голем хит, а ја пееја Зафир и неговата сопруга Сенка. Многу добар избор беа и настапите на Калиопи, која Васил Хаџиманов ја претстави како негова сестра. Расположената Калиопи емотивно ја испеа „Приспивна за реката“.

Секако дека ќе се памети и пеењето на Сашо Гигов-Гиш, кој веродостојно ги пренесе највеселите песни од репертоарот на Зафир –  „Љубов ли е ова или панаѓур“, „Земи момче Македонче“ и „Како Вардар“ до срцето на секој посетител, кој го награди со долго ракоплескање. Зафир Хаџиманов, пред својата ненадејна смрт, ги напиша и последни стихови за песната „Камен“, а неа на публиката ѝ ја испеа добро познатиот актер Никола Ристановски.

Васил хаџиманов зборувајќи за татко му, истакна дека од неговите композиции, најмногу ја сакал инструменталната „Охрид“.

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles