Во организација на Културно информативниот центар – Битола, на 25.10, вторник, со почеток од 19 часот, ќе се одржи рецитал на пијанистката Горјана Стојановска.
На програмата ќе бидат изведени дела од Шуман и тоа симфониските етиди и Годишните времиња оп.37а на Чајковски.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г магистрира.
Во 2018г се запишува на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рубен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 г настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади ( како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола.
Од 2021г работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.