Home » „Разговорот со публиката после претставата е неопходен“, режисерот Неќак по гостувањето во Полска

„Разговорот со публиката после претставата е неопходен“, режисерот Неќак по гостувањето во Полска

by culturalchat

Сеуште не стивнуваат впечатоците, воодушевеноста од гостувањето на Битолскиот театар во Бјалисток, Полска, каде на фестивалот „Direction east“, ја изведоа претставата ,,Хамлет-денот на убиствата“.Истата е работена според пиесата на Бернар -Мари Колтес, во режија на Марјан Неќак, кој е и автор на музиката.„Голема привилегија е да патувате и да ги покажувате своите дела ширум светот и при тоа да комуницирате со различни луѓе и култури, поинаква публика. За мене лично тоа е инспирација за понатаму. Разговорот со публиката е традиција на повеќето фестивали, ретко се случува тоа кај нас, но мислам дека е многу значајно бидејќи тогаш публиката ја превзема главната улога, аплаузот после изведбата може да биде и лицемерен, но разговорите се искрени и ја даваат вистинската перцепција на публиката за она што го доживеале. За Хамлет, зборуваа неколку актери, но и луѓе од сосема различни професии, сите беа фасцинирани од сите елементи во претставата, актерската изведба, режијата, музиката, сценографијата и костимите. Публиката не се воздржуваше од суперлативи, но поддржани со аргументи, навистина одлично искуство“, ни изјави режисерот Неќак.Во претставата се употребени фрагменти од аријата „Nessun Dorma“ од операта „Турандот“ на Ѓакомо Пучини и фрагмент од песната „What was I made for“ од Били Елиш; стихови од Вилијам Шекспир, Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Емили Дикинсон, Борис Пастернак. Четирите клучни ликови на Шекспировата безвремена пиеса „Хамлет“, Хамлет, Офелија, Клаудиј и Гертруда, поместени во простор лишен од историски и културолошки контекст, во атмосфера во која секој морален императив губи смисла, во услови на беспоштедна игра за преживување, ги живеат последните часови од својот животот. Денот на убиствата! Ставен во такви екстремни услови, овој извонреден квартет од ликови и актери, кои им соживуваат на тие ликови со секоја фраза од кажаната реплика, ги испитува границите на човековата природа, поставувајќи ги прашањата за човековата ранливост, кршливост, за кревкоста на неговите ставови и убиственоста на неговите мисли, за несигурноста на неговата позиција во светот. За тоа – да се биде или не.Сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, драматург е Оливера Павловиќ, а костимите се дело на Андреј Ѓоргиевски. Во претставата играат: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска. Суфлер: Мирјана Христовска, инспициент: Димитар Михајловски. Дизајнер на видео: Сашо Илковски, светло-мајстор-Горан Петровски, тон-мајстор-Александар Димовски, автори на плакатот-Марјан Некаќ и Сашо Илковски, консултант за билијард: Игор Радичоски. ,,Хамлет-денот на убиствата“, претходно ја доби престижната наградата за најдобра претстава на Фестивалот ИНФАНТ во Нови Сад, Србија, а беше дел и од програмата на 32-от Интернационален фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

 

 

 

Related Articles