Полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола, а во соработка со Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од Битола спроведоа едукативна работилница со децата од осмо и деветто одделение од Основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола.
Активноста е дел од проектот „Еко-пријателска мобилност“ финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку Еразмус + програмата на Европската Унија.
Во рамките на работилницата, говорејќи на темата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, полициските службеници ги запознаа учениците со улогата на сообраќајниот полицаец, како и со основните знаење од областа на сообраќајот, односно сообраќајните правила и прописи.
Притоа, на учениците им беше објаснето дека и тие како активни учесници во сообраќајот како пешаци, велосипедисти и сопатници треба доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, пред сѐ во интерес на нивната лична безбедност.
„Еко-пријателска мобилност“ претставува иновативна иницијатива за подигнување на свеста кај младите за улогата на сообраќајот во заштита на животната средина. Активностите се фокусираат на подигнување на знаењето и свеста за влијанието на превозот врз квалитетот на воздухот. Оваа иницијатива им дава приоритет на пешачењето, возењето велосипед, јавниот превоз и електричните возила. Промовира патување преку интегрирани, општествено инклузивни и еколошки опции без да зависи од возила во приватна сопственост.