Home » Промоција на книгата „Иконографски студии за литургијата“ од Александар Гулевски во Ниш, Србија

Промоција на книгата „Иконографски студии за литургијата“ од Александар Гулевски во Ниш, Србија

by culturalchat

Во рамките на издавачката дејност на Меѓународниот центар за православни студии од Ниш, во Универзитетската библиотека „Никола Тесла“, беше промовирана монографијата „Иконографски студии за литургијата и други студии за црковната уметност и култура во Македонија“, од Александар Гулевски. За книгата и нејзиното значење зборуваа авторот, Александар Гулевски, проф. д-р Драгиша Бојовиќ и проф. д-р Слаѓана Ристиќ-Горгиев, која воедно е и еден од рецензентите на изданието, запознавајќи ги присутните со темите и содржината на ова издание.„Им благодариме на авторот и на почитуваните гости за презентирањето на книгата, како и на сите што со своето присуство ја направија оваа книжевна вечер посебна“, беше истакнато на промоцијата. Оваа опширна студија се протега на 320 страници, визуелно заокружена со 60 колор илустрации. Отпечатена двојазично — на македонски и на англиски јазик, монографијата веќе се позиционира како сериозен методолошки исчекор во дешифрирањето на византиската и поствизантиската уметност во Македонија. Гулевски имплементира длабока херменевтичка анализа на сложените релации меѓу литургиските текстови и нивната визуелна презентација на црковните ѕидови, со што средновековниот живопис не го третира како обична декорација, туку како автентичен и сложен догматски израз. Текстот структурно е поделен на два тематски столба. Првиот дел нуди свежи и досега непрепознаени иконографски толкувања на живописот во неколку клучни македонски средновековни светилишта, кои претставуваат врвни дострели на византиската уметност и култура. Вториот дел е посветен на мултидисциплинарна детекција на значајни историски и духовни артефакти, меѓу кои се издвојуваат графиката на Св. Наум Охридски од јероѓаконот Христофор Жефаровиќ, сребрениот кивот со моштите на св. Климент Охридски, како и палеографско-иконографската енигма на натписот од иконата на св. Екумениј од Трикала, која реферира за епохата на царот Самоил. Експликацијата на авторот е верификувана со високи оценки од стручната критика. Во својот рецензентски осврт, проф. д-р Слаѓана Ристиќ-Горгиев истакнува дека овој труд извршува клучно методолошко поместување, демонстрирајќи дека иконографскиот код може егзактно да се разбере единствено низ призмата на литургиската теологија. Од друга страна, еминентниот историчар на уметноста проф. д-р Елизабета Димитрова од Филозофскиот факултет во Скопје, нотира дека Гулевски во ова истражување настапува со прониклив манир на зрел, искусен и исклучително прецизен истражувач. Ова издание се наметнува како незаобиколна, референтна лектира за византолозите, историчарите на уметноста, теолозите, како и за сите посветени проучувачи на културното и духовното наследство кои стремат кон суштинско спознавање на семиотиката на средновековното сакрално сликарство. Со реализацијата на овој меѓународен проект, Меѓународниот центар за православни студии од Ниш ја потврдува својата институционална мисија за систематско зачувување, валоризација и промоција на православното културно-историско и уметничко наследство во поширок балкански и европски контекст.Александар Гулевски е роден во Загреб, Хрватска и е македонски историчар на уметноста, византолог, археолог, музичар, кој живее и работи во Битола. Основно образование завршил во Загреб, Белград и Скопје. На Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, се запишал во 1986 год. Во текот на студиите, во периодот од 1988 до 1991 год., како штитеник на Археолошкиот кантонален завод Фрибург во Швајцарија, учествувал во археолошкото истражување на локалитетот Муртен, под раководство на Жан-Лук Буасаберт. Во 1995 год., под менторство на академик Цветан Грозданов, дипломира на тема од областа на византискиот фрескоживопис на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факуклтет во Скопје. Веднаш по дипломирањето, во 1996 год., од Митрополитот на преспанско-пелагониската православна епархија г. Петар, назначен е за главен уредник на списанието за православна вера, култура, образование и уметност „Пелагонитиса“, а потоа и за главен уредник на православната библиотека Св Нектариј Битолски. Во текот на својата работа како главен уредник на „Пелагонитиса“, од 1996 до 2003 год., го истражувал битолскиот период од животот на Св. Јован Шангајски. Материјалите од овие истражувања ги публикувал во неколку книги, издадени од Музејот и фондот на св. Јован Максимович од Москва. Во 2008 год., со одлука на митрополитот Петар, поставен е за псалт во Соборната црква на Преспанско-пелагониската православна епархија „Св. Димитриј“ во Битола, со задолжение да го возобнови византиското црковно пеење. Во 2012 год., на Институтот за национална историја во Скопје, под менеторство на Викторија Поповска-Коробар, ја одбранил магистерската теза „Културно-историскиот аспект на темата Литургиска служба на архијереите во олтарскиот фреско-живопис во Македонија од XI до XIV век“, и се стекнал со академски степен магистер по историски науки.  Објавувал авторски текстови, главно од областа на византискиот фрескоживопис и иконопис. Го познава византиското црковно пеење, кое го проучува и практикува веќе три децении. Од 1996 г., вработен е во Светата митрополија Преспанско-пелагониска во Битола, како советник за црковна уметност и архитектура.

Related Articles