Во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” на 28 октомври (понеделник), со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на две македонистички изданија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Се работи за зборници на трудови во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)”. Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова. Зборникот Блаже Конески „За македонскиот јазик“ (Blazse Koneszki: A macedón nyelvről)е издаден по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината на Зборникот се вбројуваат предговорот на Златко Панзов, како и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик”; „Афирмација на македонскиот јазик” и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици”. Во Зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик” од Крсте Петков Мисирков, а публикацијата содржи фотографии од првите изданија на граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонските работи”. (ВО ОРИГИНАЛОТ Е „МАКЕДОНЦКИТЕ“) . Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik) е составен од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески”; „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов” од Владимир Мартиновски; „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин” од Иван Антоновски; „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо” од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија” од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски.