Home » Промоција на зборникот Macedón irodalomtörténeti mozaik во Будимпешта

Промоција на зборникот Macedón irodalomtörténeti mozaik во Будимпешта

by culturalchat

Во вторник на 09.04, во 17:30 ч. ќе биде промовиран зборникот Macedón irodalomtörténeti mozaik на Институтот за славистика и балтичка филологија и ELTE во Будимпешта.

Промотор на зборникот ќе биде проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Зборникот претставува избор на научни текстови кои овозможуваат преглед на историскиот развој, особеностите и новите тенденции во македонската книжевност. Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, текстовите на унгарски јазик ги преведе Анамарија Цинеге-Панзова. Професорот Мартиновски ќе одржи и предавање на тема Македонската поезија во дијалог со музиката. Вечерта ќе биде заокружена со неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо BudaPesme.Промоцијата и предавањето на професорот Мартиновски се во рамките на службената посета на проф. д-р Владимир Мартиновски на Институтот за славистика и балтичка филологија и ELTE BTK.

Владимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач. Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Од септември 2023 година ја извршува функцијата декан на истиот факултет. Тој е член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, бил член на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања, на Управниот одбор на СВП, на Претседателството на ДПМ, бил Претседател на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, како и потпретседател на Македонскиот ПЕН.

Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици, а застапена е во голем број антологии и тематски избори. Исто така, Мартиновски се занимава и со музика при што учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.

 

Related Articles