Home » Промоција на две книги во Бигорскиот манастир на авторката Билјана Андоновска

Промоција на две книги во Бигорскиот манастир на авторката Билјана Андоновска

by culturalchat

Во смирениот амбиент на големиот манастирски синодикон наменет за свечени собири, во Бигорскиот манастир, се одржа промоцијата на две книжевни дела на писателката Билјана Андоновска од Битола. Се работи за романот Светогорецот и поетската збирка Славете Го Господа. А промоцијата присуствуваше Епископот г. Партениј, архимандритот г. Доситеј, монаси од братството на манастирот и многубројни верници и почитувачи на пишаниот збор.

Промоцијата започна со читањето на рецензијата од писателката Јована Матевска-Атанасова:

„На само 114 страници во Светогорецот Билјана Андоновска успеала да ја втисне својата љубов и повик кон пишаниот збор, свртен кон овековечување на неговиот животопис, да прикаже дел од чудата што Светецот ги направил, но и да ја претстави душата веродостојно како читателот да го гледа Светецот, да си разговара со него, да продира во душевноста која била поголема од неговото битие.

Книгата Славете го Господа ги воспејува угнетените, наведените, немоќните, една песна е цел свет, сирачиња, деца со посебни потреби или како што Андоновска им се обраќа со посебни души, за неправдата и предрасудите кои ги следат мајките без потомства допрено е сѐ, непомпезно и нежно, со ведрина и ветување за подобро утре, само доколку човекот ја извојува најтешката битка, со својата гордост. Стилските фигури се инкорпорирани без мака и труд да се создаде длабочина, затоа што штом мастилото ја нашло хартијата, како и Светиот Дух телото, го ископало бунарот, подземната водичка што залекува кога во буквите во овој лирски буквар, читателот ќе се преслика“.

Претходно авторката Билјана Андоновска ги промовираше книгите : биографијата на преподобниот Јоаникиј Ракотински ”Со вера и трпение, до чудесни исцеленија” и поетската збирка “Каде е Бог?“.

Авторката на промоцијата истакна:

„Во време на едно големо неверие и духовно слепило го запознав нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој уште при првото доаѓање тука, замислете, ме однесе во преубавата манастирска библиотека, Бигорската книгохранителница. Иако јас воопшто му немав спомнато дека години наназад мојата единствена утеха во тоа време беше читањето книги, и скриената желба и јас некогаш да напишам книга. Тој полека и долго време со многу љубов работеше тивко без никаков притисок на моето духовно лекување. Кога јас ја напишав првата моја песна, добро познатата Во Бигорски дојди, ме благослови и еве веќе три години од тој ден зад мене се веќе 4 издадени книги. А, јас? Јас конечно се предадов на Божјата волја и сфатив дека да се предадеш на Бога преку вистинскиот духовник е единствениот лек против духовното слепило.

Бог знае кога дава и кога зема. И никогаш не ни зема ништо без причина, а секогаш ни го дава она што ни е потребно и тоа во изобилие. Затоа книгата поезија ја нареков Славете Го Господа“.

За романот Светогорецот, рече:

„ Тоа е уште еден мој обид после романот за Св. Јоаникиј Ракотински за прослава на нашите светители, кои сметам дека не се доволно познати за нашиот народ. Чувствувам должност пред Бога да придонесам кон нивната прослава како благодарност за овој мој дар за пишување кој не го заслужувам, но сум го добила како резултат на Божјата милост преку молитвите на мојот Старец“.

На промоцијата се обрати и дел од книгите читаше Јасмина С. Димовска, која е пријателка на авторката од детството, која истакна:

„Б. Андоновска со ова дело експлицитно, недвосмислено покажува колкава може да биде љубовта кон Бог. Таа несакајќи посејува нешто што ќе остане во наследство за жнеење од страна на нашите деца. Благодарна сум ѝ што со ова дело ме потсети колкав верник сум во душата и ненападно го пренесувам тоа на моите деца. Одвреме – навреме им велам: ,,Љубете Го Бог и тоа ако го правите со чисто срце и од дното на душата ,Тој никогаш нема да Ве изневери“.

Јасмина Паноска исто така пријателка на авторката истакна:

„Таму каде што се луѓето во кои има љубов, таму е Ерусалим, Света Гора и цела Вселена (монах Калист). Љубов. Љубов е заедничкиот збор кога сакаме да Го опишеме Бог, да посведочиме за Бог, за Светителите кои несомнено ја носат љубовта во себе. Така делата во кои се пишува за светителите допира до нас, па се чувствуваме како да нè допира Бог. Сестричке Билјана, со твоите пишани зборови не само што ни го оживуваш споменот на Светиот, туку живо ни го приближуваш благодатно присутниот наш Свети Гавриил епископ Велички, кој служи во Небесниот Ерусалим, крај Пресветата Богородица. Во сите твои дела се чувствува придобивката од благословот и молитвите на твојот духовник Владиката Партениј, чии чеда творат дела на љубовта водени од неговиот пример. Но, пред сè се заблагодарувам на Аврамовото гостопримство од најторжествената, најљубовната рајска градина на Бигорската обител, под закрила на Високопочитуваниот наш владика Партениј Антаниски, игуменот Бигорски“.

На крај, завршниот збор на промоцијата го имаше Епископот г. Партениј:

„Особено се радувам што нашата драга во Христа Билјана успеа да заврши уште едно литературно дело, уште еден свој роман, посветен на еден од последните наши Божји светии. Имено, откако таа напиша и издаде еден успешен роман за Преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински, еве сега веќе ја гледаме и втората нејзина прозна творба, Светогородецот, која е, всушност, романизирана биографија на Светиот отец наш Гавриил Лесновски, Светогорец и Чудотворец“.

Авторката Андоновска за крај ни рече:

„Мојата порака која сакам да им ја пратам на читателите преку овие стихови е дека никогаш не се сами. Дека Бог е секогаш на нивна страна. И дека секогаш сред најголемите болки и таги се пројавува Божјата сила.  Духовната радост ја заслужува секој од нас. Да научат дека ако даваат љубов ќе ја имаат уште повеќе. И дека духовните радости се зголемуваат кога ги споделуваме“.

Околу изборот на местото за промоција, Бигорскиот манастир ни изјави:

„ Бигорскиот манастир е место каде јас духовно се изградувам.  Имам голема среќа што мој духовник е Старец и Епископ Партениј Бигорски, кој всушност е духовник познат и почитуван низ целиот православен свет. Сите мои дела се резултат на неговата духовна поткрепа, и на останатиот дел од братството и сестринствата кои се под негово духовно раководство. Затоа околу изборот на место каде би се одржала  промоцијата немав дилема“.

 

 

Related Articles