По повод 10 годишниот јубилеј на творечка работа на писателката Јасмина Јошевска, беше организиран хуманитарен настан во Музејот на македонската борба во Скопје на кој имаше богата програма. На истиот беа презентирани 10 дела на Јошевска, а настапија Даниел Дан, Александра Јанева, Сузана Турунџиева, центарот Анастасија, Сања Савевска, Рамадан Рустемов, Гордана Такец, Петар Горко, како и Вива Стрингс квартетот, Максим Нововиќ на пијано и Жаклина Стефковска.Новите наслови кои писателката Јасмина ги промовираше пред многубројните присутни беа: книгата збирка песни „Крајот нема крај“, прозното дело „Остани“ со превод на англиски и „Сандали без пари“, книга за деца. Салата беше преполна, со гости од Битола, Прилеп, Крушево, Скопје.Настанот беше од хуманитарен карактер за помош на Кара Селовска. Писателката Јасмина Јошевска оваа година на литературниот конкурс „Ванчо Николески“ од истоименото македонското литературно друштво во Квинбијан, Нов Јужен Велс, Австралија, ја освои првата награда за песната „Составено и оставено“.Јошевска ги има напишано книгите: Долина на солзите“, „Од чешмата на времето“, „Клавирот на животот“, „На врв и на дно“, „Остани“, „Димензионално послание“, „Од до“. Секојдневието е нејзината најголема инспирација. Пишува повеќе поезија за возрасни, но има и книга за деца. Родена е на 18 март, 1980 година.
До својата 19 година живеела во Крушево, наредните години живее и твори во Битола, а потоа и во Скопје. Во 2022 организираше хуманитарен настан и мини концерт во Скопје со промоција на нејзините дела.