Во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, пред Македониумот во Крушево, бешее отворена изложбата: „120 години од Илинденското востание – архивска меморија“, со која Државниот архив се приклучи кон одбележувањето на 120-годишнината од илинденската епопеја.
Изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград.
,,Мило ми е што и оваа година Државниот архив е присутен со свои проекти на отворањето на манифестацијата ,,Десет дена Крушевска Република”. Оваа изложба ги прикажуваат: создавањето на македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него” – изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески по повод отворањето на оваа изложба во Крушево.