Home » Промовиран дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев во Охрид

Промовиран дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев во Охрид

by culturalchat

На плоштадот на уметноста Долна Порта, беше промовиран дигитален паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид. Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.

„ Холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град“, истакна проф.д-р Анис Сефиданис.

Иновативниот систем е изработен од компанијата Сефиданис, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид. Овој проект се реализирал токму со поддршка на Општината, градоначалникот Кирил Пецаков и Ѓоко Апостолов раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

На откривањето на споменикот градоначалникот истакна:

„ Денес  го промовиравме дигиталниот паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид. Ваквите иновации можат воедно да ја поттикнат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место“.

Системот вклучува технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот преку уникатниот глас на актерот Стрезо Стаматовски. Снимањето и процесирањето на тродимензионланиот просторен аудио материјал го изработи Сашо Митан заедно со својот тим на Супер Радио Охрид. За охридските особености во македонскиот јазик помогнале Владо и Филип Ангеличин Жура.

На машинската конструкција која користи електо мотор, лед панели и бројни вмрежени компјутери за процесирње на податоците, работеле машинските инженери Томе Скендеровски и Џезо Сефиданоски, а на автоматиката работел магистрантот по роботика Павел Тасков. За разработка на концептот несебична поддршка дал директорот на НУБ Григор Прличев Милчо Јованоски кој ги отворил вратите кон сите неопходни материјали за воскреснување на поетот.

За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури, кои се обработувале со помош на напредни методи на машинска интелигенција за реконструкција на виртуелни карактери.

Тродимензионалниот модел на виртуелниот карактер го разработувал магистрантот од Универзитетот во Марибор, охриѓанецот Александар Илиевски, а анимациите ги изработил студентот од Универзитетот Св. Апостол Павле во Охрид, Шабан Брзев. Посебните алгоритми за препознавање на македонски говор, вкучувајќи го и охридскиот дијалект, и целокупната платоформа за интеракција ја работеле  Дамјан Петковски, Михаил Анѓелески, студенти на Универзитетот Св. Апостол Павле во Охрид и Петар Мишов, иден студент. Магдалена Маркоска го менаџирала проектот, Ајла Бајрамовска заедно со своите соученици од ОУ Григор Прличев учествувале во тестирање и евалуација на споменикот.

Тимот го водеше Проф. д-р Анис Сефиданис, а целата технологија се развивала на Суперкомпјутерот NVIDIA DGX кој се наоѓа екслузивно во лабораториите на Сефиданис. Паметниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, на самиот влез од стариот дел на градот.

„ Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот“, додаде проф.д-р Анис Сефиданис.

 

 

Related Articles