На денот кога се одбележува верскиот празник „Источен петок – Балаклија“, традиционално во Јенимаале, продолжи вековната традиција на одбележување на „Градски – Селски Велигден“. Многу радост, песна и игра го исполнија сретселото на ова битолско маало, каде се одржа и централната манифестација на новиот Детски фолклорен фестивал „Весел Петок“, организиран од КУД „Илинден“. Во рамките на овој фестивал беа одржани голем број манифестации во кои учество зедоа детски фолклорни ансамбли од Македонија и странство, а програмата започна со Дефиле на фолклорните групи низ Јени маало и продолжи со настап на детските групи на КУД „Илинден“ Битола, КУД „Дримкол“ од Вевчани, Фолклорниот ансамбал „Китка“ од Истивања и училиштето за фолклор „Теблаб“ од Будимпешта, Република Унгарија.
На овој начин, културно уметничкото друштво „Илинден“, формирано во 1955 година во Јенимаале продолжува, заедно со младите генерации да ја негува и презентира народната традиција на локалното население.
На одбележувањето, присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој на сите присутни им го честита празникот, посакувајќи им искрени желби за здравје и успех и уште многу години, со радост и среќа да се одбележува овој ден.
Градоначалникот Коњановски, претходно, во својот кабинет, заедно со раководството на КУД „Илинден“, оствари средба со Тибор Мокаи, заменик градоначалникот на 18 Дистрикт, општина во Будимпешта, кој во Битола, присуствува заедно со училиштето за фолклор „Теблаб“ од Будимпешта, со кое КУД „Илинден“ соработува 23 години, а годинава е дел и од програмата на фестивалот „Весел петок“. Мокаи, во интерес на продлабочување на соработката, предложи да се разгледаат можностите за идно збратимување на двете општини.
Насловна фотографија: Гоце Веселиновски