Home » Претставници на „Сумнал“ на средба со министерот Зоран Љутков

Претставници на „Сумнал“ на средба со министерот Зоран Љутков

by culturalchat

Во рамките на одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, претставници на здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, остварија средба со министерот за култура и туризам на Република Македонија, Зоран Љутков. На средбата го информираа дека проектот „Гласот на боите“ успешно се реализираше во Шпанија, претставувајќи ја македонската ромска култура на меѓународната сцена. Настанот се одржа на 28 март во Centro Cultural Nicolás Salmerón во Мадрид и претставуваше значаен културен момент, обединувајќи уметност, традиција и меѓународна соработка.

На сцената настапија истакнатите македонски уметници: Ернес Ибраимовски – оперски пејач, баритон, Андреј Наунов – пијано. Концертот беше реализиран од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ во соработка со Asociación Cultural Hispano-Macedonia „SONCE“.
Настанот се реализираше во рамките на проектот „Гласот на боите: културна размена и афирмација на ромската уметност по повод Светскиот ден на Ромите“, кој е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија како проект од национален интерес за 2026 година. Покрај претставниците на Здружението „Сумнал“, на средбата присуствуваше и оперскиот пејач Ернес Ибраимовски. Ги споделија и позитивните впечатоци и пофалби од Амбасадата на Република Македонија во Мадрид, каде беше истакнато дека настанот е реализиран на високо професионално и уметничко ниво, со значителен интерес од публиката и силна афирмација на македонската и ромската култура .
„Му благодариме на министерот за топлиот прием и континуираната поддршка. Продолжуваме посветено да работиме на промоција и развој на ромската култура и уметност“, ни изјавија од Сумнал.

Related Articles