Филмот „Јанѕа“, кој го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, ја имаше својата премиера во Битола во Центарот за култура. Истиот е подготвуван и сниман во период од три години, и драматуршки зборува за патување низ времето, за она што сме денес и што ќе бидеме утре. Филмот е подготвуван според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист, Никола Т. Калајџиски. Во продукција е на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.
Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали.
Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот XX век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.
„Сакам да кажам само неколку збора зашто ќе ме јаде Јанѕа ако не ги изговорам. А тоа се зборови на благодарност за сиот труд на авторот и на екипата да создадат документарен филм за таткото на современиот македонски литературен јазик, великанот од Небрегово, Блаже Конески. Јанѕа е моќен збор и посакувам преку овој документарен филм да го раширите по целиот свет заедно со пораката на Конески дека: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!“.истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која присуствуваше на премиерата во Битола.
На настанот беше присутна и дел од екипата на филмот а на присутните се обрати и режисерот Никола Т. Калајџиски. Филмот е подготвуван во период од три години, со над 25 соработници и од 40 до 50 снимачки дена.
Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници / истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.
Филмот е реализиран сo поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.Проекцијата на филмот во Битола беше во рамките на програмата за дбележување на Денот на македонскиот јазик, под слоганот „Пишувај на кирилица!“.