Home » Правда за Феликс, бараа активистите од цела Македонија и членовите на Анима Мунди пред Кривичниот суд

Правда за Феликс, бараа активистите од цела Македонија и членовите на Анима Мунди пред Кривичниот суд

by culturalchat

Поголем број на активисти за правата на животните, не само од Скопје туку и од другите македонски градови, одржаа мирен протест пред да почне судењето за обвинетиот Љубе Крстевски кој со стап го тепаше бездомното куче Феликс, а кое подоцна почина од повредите во стационарот за бездомни кучиња Лајка. „ За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“, извикуваа тие.Активистите од судот побараа затворска казна за обвинетиот и поголема системска казнивост за оние кои малтретираат животни. Од здржението Анима Мунди најавија дека ќе поднесат и иницијатива до министерството за правда за воведување на нови кривични дела кои ќе опфаќаат малтретирање на животни како тоа за борба со кучиња и напуштање на миленици.„Убиството на Феликс нема да дозволиме да се заборави, премолчи, помине неказнето. Се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците. На овој ден поднесуваме ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНА НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОН до Владата: ресорното Министерство за Правда, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – НОВИ КВАЛИФИКУВАНИ ФОРМИ НА КРИВИЧНО ДЕЛО МАЧЕЊЕ НА ЖИВОТНИ. Доколку некој се уште се прашува дали и зошто е тоа потребно, наведуваме неколку примери за кои располагаме и фотографии и/или видео материјали – ова се пријави кои ги имаме добиено во последните 10 дена:

-Коњ, целосно исцрпен кој колабира на улица, е маван и со сила приморуван да стане и продолжи да влече товар,

-Застрелале мачка и мртва ја закачиле на возило, како трофеј,

– На мало, мирно куче со сопственик му е скршен черепот од удари; умира, а полицијата не извршува ниту увид по пријава и посочување на осомничено лице, од страна на сопственик,

– Обесено куче служи за поттикнување на агресија и умира од давење и угризи, додека на него се вежба друго куче.

-Обесени 2 волка,

– Борби со кучиња се закажуваат и промовираат на секаде он лајн; се спроведуваат во урбани средини а за истото сите молчат, додека кучиња умираат давејќи се во сопствената крв. Пријави ни доставуваат дури и полициски инспектори, кои се плашат за својата безбедност“.Од Анима Мунди истакнуваат и дека секојдневно се исфрлени расни и нерасни миленици кои завршуваат напуштени, а потоа труени, тепани, умираат во тага без можност да се снајдат на улица, продлабочувајќи го проблемот со прекубројноста на бездомни животни, нарушувајќи ја безбедноста на населението.

„ Во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници; насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства. Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство. Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, ПОКРАЈ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАЗНИТЕ, бараме: 1️) воведување на засебно кривично дело: БОРБИ СО ЖИВОТНИ; 2️) засебно кривично дело: НАПУШТАЊЕ НА ЖИВОТНИ; 3️)воведување на засебна безбедносна мерка – ЗАБРАНА ЗА ЧУВАЊЕ И СТЕКНУВАЊЕ ЖИВОТНИ, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело. Иницијативата ја доставуваме на јавноста, на увид. Ние не измислуваме ништо ново, туку се базираме на успешни европски примери во законодавството, при што сме водени од примерот на националното кривично законодавство на Република Хрватска и други земји од ЕУ ( Италија, Франција, Полска) . Земји каде што казнените дела се третираат со висока свест за меѓусебната поврзаност и условеност помеѓу заштитата и благосостојбата на животните и заштитата и благосостојба на луѓето. Веруваме дека надлежните институции ќе ја разберат и прифатат оваа Иницијатива, дека конечно ќе имаме соодветни законски одредби кои го превенираат и најстрого казнуваат мачењето на животните. Одговорност бараме и одговорност мора да има. За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“, додаваат на крај.

 

 

 

Related Articles