Home » Потпишан меморандум за соработка на здруженијата „Пијано“ од Битола и “Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица

Потпишан меморандум за соработка на здруженијата „Пијано“ од Битола и “Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица

by culturalchat

Со цел за што поголема културна размена и продлабочување на меѓусебната интернационална едукативно уметничка соработка Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО Битола, потпиша меморандум за трајна соработка со Здружението “Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица.

И двете здруженија, секое засебно зад себе имаат реализирано многу државни и меѓународни проекти, како : концерти, натпревари и фестивали, а во месец јуни 2023г. ќе бидат дел од ист проект со име  “Kids Classical Music Camp”, кој што треба да се одржи во Битола и е со поддршка од Фондот на Западен Балкан и ЕУ.

Потпишувањето на меморандумот  е само почеток на една нова и плодна соработка помеѓу Здружението Пијано и Здружението “Gradus Ad Parnassum” и во иднина се очекува да резултира со пријателска и професионална културна синтеза помеѓу Битола и Сремска Митровица. Со ова само се потврдува фактот дека музиката е универзален јазик кој што ги надминува сите бариери и ги зближува народите.

Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО – Битола е формирано во 2018 година на иницијатива на М-р.Проф.Јана Четелева–Белевска и М-р.Проф.Марија Шамоска-Буџаковски, двете професорки по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Целта на здружението е подигнување на нивото на културниот живот,проширување на видиците во областа на класичната музика,особено во музиката за пијано,подобрување на стандардот во наставата по пијано со акцент врз пијано-изведбите и генерално музицирањето во Р.Македонија преку размена на идеи и искуства,семинари,обуки, организирање натпревари,фестивали,работилници,конференции како и работа со талентирани деца.
Здружението предлага едно пошироко прифаќање на образовната вредност при изучувањето на инструментот пијано,се залага за обезбедување на можности за афирмација на талентираните деца во јавниот живот преку организирање на концерти,настани,предавања,како и други дејности од образовната и изведувачка музичка дејност.

Неодамна ова здружение беше организатор на третото издание на „Денот на пијаното“. Настанот кој и годинава привлече голем број посетители и силни аплаузи, беше поддржан од општина Битола и Културно информативниот центар и беше дел од културната програма на општината за оваа година. Секое ново издание изобилува со инвентивност и креативност, што претставува инспирација и поттик за создавачите на музиката, нејзините изведувачи и слушатели.

Музичкиот дел го исполнија 50 млади таленти од 8 музички училишта од Македонија: Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија и Скопје. Исто така по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот, го организираа музичкиот маратон „Со љубов за Битола“ кој се одржа во Офицерскиот дом.

Како што ни изјавија, целта на овие настани е и дружењето, споделувањето искуства, како и заедничкото музицирање на младите таленти од целава држава и надвор од неа.

Периодов го подготвуваат 5 -тото издание на Меѓународниот натпревар по пијано ПИЈАНОФЕСТ кое ќе се одржи од 8. до 11. јуни Пријавените ќе се натпреваруваат во Пијано соло и Пијано дуо, како и во категоријата Соло пеење. Оваа година по 5-ти пат ќе биде реализиран овој успешен натпревар и ќе испише нова страница од своето постоење.

 

 

Related Articles