Членовите на СКК. Вертикал од Битола, Владимир Ѓоргиевски и Влатко Деловски, го искачија еден од најтешките врвови за качување кој се наоѓа помеѓу Швајцарија и Италија и важи за еден од највисоките врвови на Алпите, Матерхорн, 4478 m.
Врвот е еден од технички најтешките за искачување и за пристигање до неговата цел потребна е голема психолошка и физичка подготвеност како и алпинистички вештини. Матерхорн е десетта највисока планина во Швајцарија и еден од 48-те швајцарски врвови кои се високи над 4.000 метри.
Се наоѓа на Апенинските Алпи на границата помеѓу Италија и Швајцарија, а за првпат е искачен во 1865 година како последен од позначајните алпски врвови, од страна на седумчлена група предводена од англичанецот Едвард Вимпер при што четворица од групата загинуваат при симнувањето од врвот. До денес оваа планина претставува еден од симболите на планинарењето и алпинизмот и низ историјата бележи голем број на успеси и искачувања по различни насоки, меѓутоа и многу трагедии со над 600 жртви.
Со својата атрактивна форма на карпеста пирамида не дозволува лесен пристап и е сон на речиси секој планинар, а познат е како лого на познатото швајцарско чоколадо „Тоблероне“.
Искачувањето се одвивало по насоката која води од италијанската страна на планината поаѓајќи од гратчето Червиниа, (подножје од италијанска страна 2000 м.н.в). Во еден здив нашите планинари се искачија до Матерхорн за вкупно време до врвот од 10 часа 58 мин.
„Времето, поточно временските прилики или подобро кажано неприлики (верглас, силен северен ветер, облаци, снег), беа исклучително лоши, тоа го сведочеше самата планина – само неколку групи од планинари се движеа нагоре. Бевме сведоци и на спасувачка акција со хелихоптер што спасуваа двајца кои страдаа од хипотермија. Патем, двајца водичи, кои не успеаја да ги качат клиентите на врвот, кај Enjambee (седлото меѓу Pic Tyndall и Matterhorn) не’ убедуваа да се вратиме, бидејќи условите беа прелоши, но ние донесовме одлука да продолжиме. И не згрешивме. На врвот стигнавме во 15ч10мин (што воопшто не е вообичаено!). Тој ден (вторник на 08. 08.) само две групи го качивме врвот, ние и едни Пољаци. Во бивакот Карел се вративме во 20ч, каде што преспавме“, ни изјави Деловски.
Тие користеле поставените фиксни безбедносни јажиња во соло стил – без водечки јажиња и само два абзела.
„ Податоци од типот AD+, III+, 649m апсолутно ништо не значат, АКО не се земат предвид сите комбинирачки фактори (време, услови, ветер, висина, должина, опрема, товар и сл.) На пример, ние ги користевме само поставените фиксни безбедносни јажиња во соло стил – без водечки јажиња и само два абзела, оти реално за човек што качува карпи оцена од III+/IV не се ни смета за качување, ама тоа воопшто не ни ја олесни работата, бидејќи овде се работеше за вистинска планина со лоши временски услови, силен ветер, облаци, снег, верглас, висина, опрема, товар, дерези, и сл. Се’ на се’ вистинско планинарско искуство.
На крај Деловски додаде:
„ Ми се исполни дамнешната планинарска желба, од времето кога повеќе се занимавав со планинарство, да го искачам Матерхорн од италијанска страна, секако без водич, во сопствена режија заедно со Владимир“.
Покрај генерацијата на Муратот, што го имаат искачено Матерхорн од швајцарската страна, од новите генерации планинари само тројца битолчани го имаат искачено од италијанска страна. Ѓоргиевски и Деловски се познати алпинисти кои минатата година, заедно со Саша Грбиќ, беа првите битолчани кои се искачија на насоката „Cassin“ на Пиз Бадиле, 3,308 m, кој се наоѓа на границата меѓу Швајцарија и Италија.