По повод одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, на свечената прослава на 81-годишнината од основањето на Македонското лекарско друштво, на д-р Тања Струмениковска-Ристевска, познат и признат специјалист анестезиолог од Клиничката болница Битола, и беше доделена Повелбата „Д-р Трифун Пановски” – највисокото признание од областа на здравството во Македонија. Ова признание се доделува за долгогодишни исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита.
„Оваа награда им ја посветувам на сите мои колеги, медицинскиот персонал и пациентите, затоа што медицината е тимска работа. Без нив, немаше да го добијам ова најголемо признание. Честит Светскиот ден на здравјето на сите кои секој ден се грижат за здравјето на пациентите“, истакна д-р Ристевска. Светскиот ден на здравјето на сите здравствени работници, им го честиташе и Министерот за здравство, Азир Алиу.
„Годинешното мото „Науката ја прави здравствената заштита подостапна“ јасно говори дека научниот пристап во здравството претставува клучен двигател на иновации, напредок и унапредување на квалитетот на здравствените услуги. Примената на науката овозможува воведување нови методи, континуиран развој на професионални вештини и современ пристап во лекувањето на пациентите. Во изминатиот период направивме значаен исчекор во развојот на трансплантациската медицина во земјава, со успешно започнување на трансплантација на рожници. Овој сегмент претставува пример за наука во функција на здравството, како и за мултидисциплинарен пристап и висока посветеност на здравствените работници. Трансплантацијата и органодонорството, како врвен чин на хуманост, спасуваат животи и го продолжуваат животниот век на пациентите“.
Покрај министерот во хотелот “Рагуза Парк“ пред присутните лекари и гости се обратија и претседателот на МЛД професорот д-р Горан Димитров и претставникот на Светската здравствена организација д-р Аким Али.


