Краткометражниот филм секогаш е голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Ненси Шрајбер претседателка на жирито и американска кинематограферка, Уна Менгес, британска кинематограферка и Ѓорѓи Клинчаров, македонски кинематографер, одлучија Мала камера 300 да се додели на Хелсио Алемао за филмот „Амарела“. Истото жири одлучуваше и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“.-Жирито за студентски филмови ја доделува оваа награда за извонредност на филмот „Ананси“. Овој софистициран филм е исклучително успешен со својата естетска и искрена приказна. Кинематографот покажува голема вештина, емпатија и чувствителност, без да наметне его, стои во одлуката на жирито, а посебно признание доби Кинан Масарани за филмот „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“. За документарниот филм секогаш е голем предизвик да открие непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Куршат Уресин e во состав – претседател на жирито, турски кинематографер, Јани Петери Паси, фински кинематографер и Нурија Ролдос, шпанска кинематограферка. Железна камера 300 жирито ја додели на Хатем Нечи за филмот „Најголемата лага“.
-Голема чест ми е да го наградам овој документарен филм. Режисерката покажа огромна храброст ставајќи се себеси и своето семејство во центарот на вниманието за да раскаже приказна и да ги излечи раните што ја мачат нејзината фамилија повеќе од четириесет години. Филмот мајсторски го комбинира реалниот свет со реконструираното минато, создавајќи длабока врска помеѓу минатите настани и нивните последици во денешницата. Жирито го цени талентираниот кинематограф и неговиот вечен поглед кон ликовите. Тој го збогатил документарниот расказ и го поддржал режисерот и приказната користејќи техники кои се многу поприсутни во играните филмови, рече Нурија Ролдос. Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.
-Овој победнички филм плени со своето веродостојно, но сепак возвишено визуелно раскажување, и иако неговиот свет можеби изгледа мрачен, авторите пронајдоа и убаво ги прикажаа позитивните моменти. Убавината на филмот доаѓа не само од неговата естетика, туку и од емпатичниот поглед кон ликовите и срцето на наративот. Режисерите никогаш не ги напуштаат своите ликови, ниту губат надеж, и поради тоа, голема благодарност му должиме на кинематографот, чие око за убавина во неочекувани моменти го прави филмот исклучителен. Наградата за најдобра кинематографија во конкуренција за најдобар европски Ло-кап филм ја добива Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, велат во одлуката членовите на комисијата. Оваа година беа доделени и неколку нови награди. Награда на Јадранската публика, фестивалот „Браќа Манаки“ стана член на Јадранската група на фестивали заедно со оние во Сараево, Загреб, Љубљана, Тирана и Фестивалот на авторски филм во Белград. Гласањето на нашиот фестивал е завршено и кога ќе се соберат гласовите од сите фестивали ќе биде доделена наградата. Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ и беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, автор на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член. Присутните на крајот ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. -Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалско издание кое создаде трајни спомени кои значат почит на креативноста, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град, рече Коњановски, заблагодарувајќи се на фестивалскиот тим, кој , како што рече, направи од Битола центар на филмската уметност . По доделувањето на наградите и свеченото затворање следуваше проекцијата на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец.