Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги додели признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Македонија.
Вреднувањето на она што институции и поединци му го оставаат во наследство на својот народ, особено оние кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоjа сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер.
„ Ние сме мала земја, но, можеме да се пофалиме со исклучителни личности, автори, креативци, во многу области на општественото живеење, посебно во културата и уметноста. Најважно е тие личности и институции, од својата држава, да не бидат заборавени. Верувам дека заедно со Комисијата за доделување на признанија и одликувања, во изминатиов период успеавме да им направиме чест на многумина кои тоа го заслужуваат и да го валоризираме нивниот формативен придонес во животот на многу генерации“, истакна претседателот.
Со Орден за заслуги претседателот ги одликуваше Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски.
Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција.
Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Република Македонија.
Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност.
Медал за заслуги за Република Македонија им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров од хумористично шоу „К-15“.
Признанието Повелба на Република Македонија беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење при што се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува особено значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество, како и за непроценливиот придонес во развојот на современиот театар во Македонија.
Од самите почетоци на цивилизацијата, човекот имал потреба од катарза, од деконструирање на драматичното секојдневие преку иронија и хумор, од префрлање на реалноста во уметност и потоа, преку уметноста, оплеменување на истата таа реалност. На шест индивидуалци и на една институција кои го прават нашиот свет подобар, кои придонесуваат за нашето естетизирање и облагородување, со овие признанија на соодветен начин им се вреднува нивниот труд и професионални достигнувања.