Home » Околу 1000 учесници на годинешниот карневал Прочка во Прилеп

Околу 1000 учесници на годинешниот карневал Прочка во Прилеп

by culturalchat

20 групни маски од Прилеп и цела Македонија, со близу 1000 учесници, се претставија во центарот на Прилеп на главното дефиле, на 21-от карневал Прочка-2023. Од карневалската атмосфера беа воодушевени и претставниците на Европската асоцијација на карневалските градови, кои беа присутни. Карневалот за отворен го прогласи градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој ги поздрави учесниците и гостите и им посака убав карневалски ден.

„Корените, традицијата и обичаите како нераскинлив дел во постоењето на нашата милениумска македонска историја ни давааат обврска дека мораме да ги почитуваме и да ги негуваме, а со самото тоа цврсто да ја чуваме нашата врска со се она што претставува македонска вера и традиција. Да простиме и да побараме прошка е голема човечка особина, со цел да покажеме дека сите сме луѓе пред се, без разлика на нашите функции и сите треба најпрвин меѓусебно да се почитуваме и се разбира, да си простуваме, со цел да изградиме едно подобро општество за сите нас. Нашиот Прилеп е препознатлив по многу работи, многу културни настани и фестивали, а карневалот „Прочка“ со сигурност е еден од најпознатите и најголеми карневали во Република Македонија.“ потенцираше градоначалникот, Јовчески.


Почетокот на карневалското дефиле го означија мажоретките и секако маската „Прилепски мечкари“ која го има својот ритуал на бркање на злите духови и претставува заштитен и препознатлив знак на прилепскиот карневал. На дефилето „Прочка 2023“ пред стручното жири се појавија бројни креативни маски: традиционални, современи, поединечни и групни, а беа избрани најдобрите.
Групната маска „Флинстонови“ од ООУ Блаже Конески е избрана за најдобра маска на 21-от карневал „Прочка 2023” и и’ припадна Гран при наградата. Маската е најоригинална маска на карневалот „Прочка 2023“ нагласи карневалското жири во состав: Кире Миладиноски, Александар Цветкоски и Тони Чатлески.


Првото место го освои групната маска „Адамс Фемили“ од ООУ Добре Јованоски, Прилеп, второто место им припадна на маската „Срцето на градот“ од ООУ Гоце Делчев, Прилеп, а третото место го доби групната маската „Хакуна Матата“ од ООУ Кире Гаврилоски, Прилеп. За најдобра поединечна маска беше избрана маската ,,Волк-Ајкула“
Според стручното жири, годинашните маски беа крајно креативни и оригинални, а Прилеп уште еднаш потврди дека заслужено припаѓа на најголемото семејство на карневалски градови, ФЕКК.

Како сето тоа изгледаше погледнете од видеото на Димитар Петковски.

 

Related Articles