Home » Одбележани 42.години од раѓањето на Тоше Проески

Одбележани 42.години од раѓањето на Тоше Проески

by culturalchat

Со крводарителска акција,во организација на Црвениот крст од Крушево, со почит на неговото вечно почивалиште, промоција на уметнички дела и со музичко-сценскиот настан насловен „Ангел си ти“во Спомен-домот „Тодор Проески“  на Гумење во Крушево беа одбележани 42 години од раѓањето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на хуманитарецот и човекот со ангелско срце, Тоше Проески.

Лефкија Гажоска, директорка на спомен-куќата „Тодор Проески“ истакна дека посебна е приврзаноста со Тоше, со неговата музика и неговото дело.

„ Во 11,15 часот во 1981 година се роди Тоше Проески. И настаните , на некој начин, ги врзавме така. Со промоциите на изложбите, а посебен е музичкиот настан „Ангел си ти“. Спомен домот ги одбележува сите значајни датуми и сѐ што е поврзнано со Тоше Проески. Многу ни е мило што заедно со средното училиште „Маца Овчарова“ од Велес, со специјалната паралелка успеавме да испечатиме 42 маички со победничкиот мотив од нивната грнчарска меѓународна работилница, посветена на Тоше. Песната на Тоше „По тебе“ како спомен-куќа ја посветуваме на него, која остави голема трага. По него не е ништо исто, но ние сакаме да ги одбележиме убавите моменти, неговата музика да остане вечно во сеќавањето“.

Беше презентирана и  изложбата на дела на уметницата Марија Бојкоска од ликовната школа „Тоциновски“ од Скопје, како и делата од 26. Керамичка колонија од Велес. Дијана Попанов, дефектолог од Велес истакна дека грнчарската меѓународна колонија која опфати 31 училиште годинава беше посветена на Тоше.

„ Цела љубов за Тоше е отсликана на керамичките чинии изработени во работилницата, а најдобриот мотив е ставен на 42 маички што се промовираа денес“.

На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Крушево Томе Христоски кој рече:

„Во знак на хуманоста одбележуваме уште еден роденден на Тоше. Тоше има само датум на раѓање, а ние ќе апелираме овој ден на хуманоста да се одбележува на ниво на цела држава, а не само во Крушево. Тоше ни остави многу љубов, ни остави добри дела, ни остави музика која вечно ќе се слуша и пренесува на наредните генерации. Тоше Проески ни остави пример како да живееме, како да се почитуваме, како да правиме добри дела, да практикуваме толеранција и заеднички живот за поубав град, поубава општина, поубава држава“.

Тој додаде дека Општина Крушево ќе биде покровител и домаќин на 13-от традиционален меѓународен турнир во мал фудбал ,,Тоше Проески 2023″, кој наместо во Скопје од оваа година ќе се одржува во Крушево од 26-ти до 28-ми мај.

„Како негов роден град, имаме должност и обрвска кон него, кон неговите роднини и пријатели да започнеме една нова традиција, со која ќе се оддолжиме за многуте добри дела и ќе покажеме дека сите ние го сакаме, исто колку што тој не сакаше“.

За 42-риот роденден на Тоше беа промовирани и 42 маички печатени со победнички мотив. Атанас Ташкоски, е 14-годишен крушевчанец кој ја освои првата награда и неговиот мотив за Тоше е на маичките што им се нудеа на посетителите.

„ Кога се пријавив, веднаш нешто ме натера да нацртам со сина боја. За Тоше, големиот музичар и хуманитарец, зашто некои бои го опишуваат повеќе“, рече Ташкоски.

Следуваше сценско-музичкиот настан насловен „Ангел си ти“ на кој музичките рефрени од Тоше ги изведоа Андријана Јаневска и Бојан Стојков во придружба на „Џез сценарио“ од Битола, во аранжман на професорот по пијано и диригирање Вангел Мажески.

Крај вечното почивалиште на Тоше Проески беа и неговите обожаватели и приврзаници кои секогаш доаѓаат од земјава и Балканот. Тоше Проески го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Имаше само 26 години.

Спомен-куќата „Тодор Проески“ ги чува спомените за големата музичка ѕвезда и е најпосетуваниот музеј на овие простори.

 

 

 

 

Related Articles