Во Македонската опера и балет се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ – инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов, а по повод одбележување 100 години од раѓањето на поетот.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата е на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски , сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм: Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков, а поетско читање -актерот Никола Ристановски. Асистент костимограф е Ангела Богеска, светло: Јакуп Јакуп, Нино Митевски, Перо Марачков.
Поезијата на Шопов односно истоимениот циклусот поезија е „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. Трите поетски циклуси „Раѓање“, „Преплетување и „Вознесување“ на сцената, се прелеваат како водопади, добивајќи интензитет во балетската игра и во колоритноста на сцената и со помош на совршените костими, исто така, на Ношпал.
Во формат на триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет. Класичниот балет доби вонтелесна димензија во кореографските парчиња на Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Ефтимова. Тука е и визуелниот уметник Флорија Чанга ( Р. Албанија) кој ја заокружи појдовната поетска матрица. Проектот ги соедини поезијата на Шопов со современиот мултимедијален јазик кој е близок до генералниот тренд на светската балетска продукција.