Home » Наскоро- вториот дел од книгата „Приказните од Широк сокак“

Наскоро- вториот дел од книгата „Приказните од Широк сокак“

by culturalchat

Во завршна фаза е подготовката на вториот дел од книгата „Приказните од Широк сокак“, издание кое продолжува да ја документира урбаната историја, семејните хроники и духот на Битола преку автентични сведоштва и истражувачка работа.
„ И во новиот том, Широк Сокак останува централниот симбол, место каде што секој камен има своја приказна, а секоја генерација оставила трага. Во фокусот се големите градски фамилии, културните дејци и обичните битолчани чии животи го испишувале пулсот на најубавата улица на светот“, истакнуваат од Бабам Битола.
Особена тежина на ова издание му дава одлуката книгата да биде посветена на Александар Стерјовски, хроничар на Битола и долгогодишен рецензент на претходните изданија. Стерјовски, кој неодамна замина во вечноста, остави значаен белег во зачувувањето на историската меморија на градот. Неговата поддршка, стручност и посветеност беа важен дел од создавањето на ова книжевно сведоштво.

„Со оваа посвета, симболично ја продолжуваме мисијата што и тој ја живееше, Битола да се памети, да се запишува и да се раскажува“, додаваат од Бабам Битола. Објавувањето на вториот дел се очекува наскоро, ќе станува збор за издание што ќе ја продлабочи врската меѓу минатото и сегашноста на градот. Дизајнот на корицата е дело на Ана Караманди.
„Човек не живее навистина по бројот на годините, туку по она што ќе го остави зад себе, збор, дело или спомен што ќе продолжи да зборува кога него веќе го нема.“

Related Articles