„Кајмак“, најновиот филм на македонскиот режисер, Милчо Манчевски ја освои Наградата на публиката на Филмскиот фестивал во Тирана.
Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија, додека, пак, во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го нарече интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.
Манчевски во Тирана беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија. Тој одржа и мастерклас на Фестивалот.
„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.
Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ минатата година беше најгледан филм во Македонија.