На барање на публиката во МОБ повторно ќе биде изведен балетот „Пепелашка“
previous post
На сцената на Македонската опера и балет од неодамна се изведува современиот балет во 3 слики „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. Оваа балетска продукција на оваа национална културна установа претставува современа бајка за сите возрасти, во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќ Галиќ (Хрватска), а сценограф е Филип Коруновски.
Во насловната улога настапува Христина Наќевска, во улогата на принц Мирослав Митрашиновиќ, Вила Ангел: Саша Евтимова, Маќеа: Марија Јосифовска Ристовска, Сeстри: Ендру Кук (Англија) и Кристијан Јангос, Татко: Драган Кочоски , Мала Пепелашка: Гала Кочевска. Настапуваат и солистите и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет. Кореографот Александар Илиќ е прв солист на Народно позориште во Белград. Работи како кореограф и професор, а основач е на Институтот за уметничка игра. Од 2019 година е директор на Културниот центар на Белград. Досега работел на повеќе опери, поставил балетски претстави, танцови перформанси и инсталации, како и претстави за деца. Балетската претстава „Пепелашка“ во МОБ е наменета за сите генерации гледачи, не е работена според моделот на „Дизни“, туку содржи елементи на модерниот и класичниот балет. Во насловот е додаден хаштаг „Љубов“. Кореографот Александар Илиќ посочи дека е многу важно да се поставуваат класични дела, кои се дел од растењето и созревањето на сите генерации. – Кога почнав да размислувам за современа поставка на „Пепелашка“, важно ми беше да се задржи оригиналното либрето, но и да се следи современоста. Да направиме претстава која може да комуницира низ современ кореографски јазик“ – истакна Илиќ. Дејството во „Пепелашка“ е сместено во 1970-те години, во времето на премиерата на познатиот филм „Брилијантин“. Како и во секоја бајка, во претставата има и добрина и зло, има верба за поубав живот и има љубов, а претставата завршува со хепиенд и „сите живееја среќно до крајот на животот, многу среќно, бидејќи ’Love is in the Air‘“. За сите љубители на балетската уметност оваа современа бајка ќе биде изведена и на 20 и 21 јануари .