„ Како еден од ретките, всушност единствен во суштина независен филмски фестивал, Поминавме 10 неверојатно турбулентни години, 10 изданија низ кои ги преживуваме филмските и лични приказни на бројни храбри автори од целиот свет. Се соочивме со обиди за цензура, за замолчување, обиди дури и за стопирање на подемот, на растежот, на развојот на овој пркос од фестивал. Беседевме со мајсторите на седмата уметност и создадовме уметнички бури, пренесовме силни манифести за иднината на филмскатта уметност кои беа соопштувани токму на КИНЕНОВА од во суштина најголемите европски филмски автори, а кои убеден сум дека засекогаш ја променија филмската фестивалска сцена во нашата земја и регионот“, рече Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова на денешната прес конференција на која беше најавено јубилејното десетто издание на фестивалот кое ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври. Фестивалот оваа година ќе биде отворен во Македонската опера и балет на 28. септември со еден од најзначајните филмови за овие простори во последните 3 декади, филмот на еден од најталентираните хрватски млади режисери, Јуре Павловиќ, ИЗГУБЕНИОТ СОН НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ДРИМ ТИМ.
- / работи за филм, за кој немам никаква дилема дека силно ќе ги разбранува чувствата на сите генерации, особено на оние кои живеевме и во една друга заедничка држава со повеќе братски народи, наречена Југославија. Се работи за филм во кој учествуваат сите најголеми екс-југословенски кошаркарски легенди, Јуре Здовц, Дино Раџа, Тони Кукоч, Владе Дивац, Зоран Јовановиќ, Жарко Паспаљ и останати, а неколку од овие легенди ќе бидат дел од свеченото отворање и македонската премиера на филмот на КИНЕНОВА во Скопје. Дејството на филмот е за време на натпреварите на Европското кошаркарско првенство кое се одржуваше во Италија, буквално во деновите на почетокот на распадот на Југославија, информираше Јовановиќ.
Селекторот на фестивалот Игор Анѓелков ја соопшти програмата на фестивалот која пак ќе се прикажува во Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Покрај филмот на отворање, во главната селекција ќе може да се погледнат филмовите „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер, „Паноптикум“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе, „Помеѓу Боговите“ на Вук Ршумовиќ , „Со малку воздух“ на Андреас Хартман и Арата Мори и „Прасловен“ на Слободан Максимовиќ.
За ова јубилејно издание, фестивалот одлучи да има 3 лауреати со високо светско реноме, од кои еден е наш врвен филмски уметник. Со ова, ние како фестивал сакаме да ја истакнеме вредноста и потенцијалот на македонската кинематографија. Така годинава наградата Златна грива за животно дело ја добива Лив Улман, специјалната награда за особен придонес во филмската уметност ја добиваат Даг Јохан Хагеруд, норвешки сценарист и режисер, годинешен лауреат на „Златна мечка“ во Берлин и Владимир Самоиловски, најдобриот македонски кинематографер од средната генерација. За Лив Улман, селекторот Анѓелков рече дека за неа е доволно да се каже дека е „муза“ на големиот Ингмар Бергман, играјќи во десет од неговите, според многумина, најдобри филмови
– Но Лив Улман, се разбира, е многу повеќе од тоа. Љубовта кон уметноста безброј пати ја докажала и на театарската сцена, но и на режисерското столче, на кое милува да седи во последните три декади од својата богата кариера. Таа се’ уште е витална и полна со енергија, и со радост и’ ја доделуваме највисоката награда за животно дело, заслужено вбројувајќи ја меѓу великаните кои во изминатите години ја добија нашата фестивалска награда. Во текот на својата кариера, Улман работеше и на сцената и на екранот. Таа покажа голема разновидност при изведбата на делата од Вилијам Шекспир, Хенрик Ибзен, Антон Чехов, Џорџ Бернард Шо, Бертолт Брехт, Јуџин О’Нил. Во 2022 година, Лив Улман ја доби почесната награда „Оскар“ за „храброста и емоционалната транспарентност кои на публиката ѝ подарија длабоко трогателни човечки портрети на екранот“, рече Анѓелков.Добитникот на специјалната Златна грива за особен придонес во филмската уметност Даг Јохан Хагеруд го претстави Гена Тодосиевска, уметнички директор на Фестивалот. Хагерут годинава ќе присуствува на 10 издание на МФФ Киненова и ќе одржи мастерклас.
– Даг Јохан Хагеруд е исклуителен филмски уметник, кој за себе најпрво вели дека е библиотекар, па потоа писател, сценарист, режисер, а во филмската критика опишуван и како истакнат хуманист. Неговите романи, кратките раскази и кратките филмови, навестувале дека на филмската сцена и приоѓа еден умен, образован, но спонтан и принципиелен филмски режисер и сценарист. Во 2006-та година ја добива Почесната награда на Нордиската Панорама. Во 2020 година тој за својот втор долгометражен филм „Чувајте се од децата“ (Beware of the Children) награден е со дури девет Аманда статуетки, додека за филмовите од неговата позната Осло трилогија „Секс“ (Sex), „Љубов“ (Love) и „Соништа“ (Dreams) е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Филмот „Секс“ е селектиран во престижната програма Панорама на Берлинскиот филмски фестивал во 2024 година, истата година вториот филм од трилогијата „Љубов“ е прикажан во главната натпреварувачка програма на 81. Венециска филмска Мостра. Последниот „Соништа“ му ја донесе Златна мечка за најдобар филм на годинешното 75.Берлинале и наградата на Fipresci. Со оваа трилогија Хагеруд ја освои и публиката и критиката, а особено симпатиите на фестивалските селектори препознавајќи го автентичниот сценаристички и режисерски предзнак на непосредното, искреното, рече Теодосиевска.Таа пред присутните новинари го претстави и водеше интересен разговор со третиот лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски.
-Владимир Самоиловски е најдобриот македонски кинематографер од средната генерација кинематографери, филмски автори, со беспрекорна вештина во познавањето на сите процеси на создавањето на еден филм. Неговата визуелна креација и професионална соработка со режисерите и актерите е високо почитувана, како во Македонија така и во регионот, но и пошироко. Неговата страст за професијата и љубопитството му овозможуваат да соработува на филмски продукции на повеќе континенти. Тој соработувал со низа еминентни имиња од режисерската фела, како од Македонија, така и од просторите на поранешна Југославија. Тука би ги споменале: Трајче Попов, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Карпо Година, Владимир Блажевски, Коле Ангеловски, Мето Поповски, Милчо Манчевски но и режисери и сценаристи од помладата генерација као Дарко Митревски, Александар Поповски, Светозар Ристевски, Марија Апчевска, Теона Стругар –Митевска, Вардан Тозија, Арбен Тачи, Кастриот Идризи, Димитар Оровчанец, Лавинија Софрониевска и низа други. Самоиловски пред присутните сподели искуства од соработката со многубројните домашни и странски режисери и актери.
-Да не се Фестивалите, ваквите манифестации со вакви луѓе, луѓето зад камерите ќе останат зад сцена, рече меѓу другото Самоиловски заблагодарувајќи се на организаторите.