Home » Мурал посветен на Петре М.Андреевски во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола

Мурал посветен на Петре М.Андреевски во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола

by culturalchat

По повод 90 години од раѓањето на великанот Петре М. Андреевски, учениците од Гимназијата, под менторство на професорите по ликовна уметност – Александар Поповски и Димитар Солак, изработија мурал во дворот на Гимназијата со легендарната негова мисла: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нѐ оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Во изработката на муралот беа вклучени учениците: Филип Недановски, Ана Полизовска, Павел Стефановски, Ива Јончевска, Виктор Јосифовски, Сирма Спиркоска, Марија Ризовска, Ема Илоска, Јована Ристевска, Ангела Ристоска, Андреа Ресановиќ, Мелани Ташковска, Бисера Наковска, Алејна Сулејмановска. Гимназијата оваа година одбележа 79 години настава на македонски јазик, в година се одбележуваат јубилејни 80 години настава на македонски јазик. „Нам ни припаѓа честа и одговорноста, со соодветна посветена работа, да го чуваме македонскиот јазик и да ја промовираме македонската книжевност“, истакнуваат од Битолската гимназија.Петре М Андреевски беше роден на 25 јуни 1934 година, во селото Слоештица. Тој беше македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“.Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија на чие чело бил еден мандат. Творештвото на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Најпознати дела: „Јазли“, „И на небо и на земја“, „Дениција“, „Дални наковални“, „Пофалби и поплаки“, „Вечна куќа“, „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“, „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, „Тунел“ и други. Бил добитник на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“.Постхумно му беше доделен Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност. Почина на 25 септември 2006 година, а бил погребан во родното село.

Related Articles